Камионот кој пропадна во фонтаната на плоштадот во Скопје додека се спремаше прославата за ракометните шампиони од тимот на Вардар е топ тема на социјалните мрежи.
Инаку, површинската фонтана на просторот помеѓу Камениот мост и споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот „Македонија“ е пуштена во употреба во јуни 2015 и чини 2.560.110 евра, според податоците од истражувањето на БИРН, „Скопје 2014 под лупа“.
Инвеститори беше Град Скопје, автор ЈП за просторни и урбанистички планови – Прилеп, а беше изграден од градежната фирма Транс Мет ДОО Скопје на бизнисменот Сеад Кочан кој е под истрага на СЈО и два месеци беше во бегство додека имаше потерница и решение за притвор.
Фонтаната е дел од потфатот, за кој е донесена одлука само неколку години од целосната реконструкција на централниот градски плоштад за повторно партерно уредување во периодот 2003- 2004 година.
Извршено е ново поплочување, гранитните плочки со кои беше заменета некогашната коцка се отстранети, а коцката е вратена, дополнета и со мермерни плочки и мозаик. Поради градежните зафати, плоштадот со години беше непрооден за граѓаните, а неколку споменици се дислоцирани.
Иако е под ингеренции на градската управа, Владата се одлучи да издвои две третини од неопходните финансиски средства потребни за завршување на преуредувањето.
Според документацијата, потфатот за повторно преуредување на плоштадот „Македонија“ чини над 2,5 милиони евра, што иницираше критики во јавноста заради одлуката да се трошат буџетски средства на фонтани кои не се приоритет за населението.
Извор: Либертас.