Од Министерството за внатрешни работи велат дека според процедурата прво ќе се споредуваат изјавите на сите учесници и очевидци на настанот, а потоа ќе бидат покренати соодветни пријави.
Бегав затоа што ме бркаа криминалци од албанското подземје, е приказната со која дополнителниот заменик министер за труд и социјална политика Диме Спасов настапил во полициската станица Карпош, за петочната сообраќајна драма, велат полициски извори за Радио Слободна Европа. Во полициската станица Карпош во саботата, каде што Спасов дал изјава и поднел поплака, по него доброволно дошле тројцата посочени во дел од медиумите како напаѓачи и дале исказ со кој го негирале тоа, посочуваат истите извори. – пишува РСЕ.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека, според процедурата, прво ќе се споредуваат изјавите на сите учесници и очевидци на настанот, а потоа ќе бидат покренати соодветни пријави. Од таму додаваат дека по целосно комплетирање на случајот ќе се произнесат во јавноста.
Адвокатот Насер Рауфи вели дека од целата ситуација произлегуваат неколку кривични дела за кои следува казна затвор од три до пет години.
„Мислам дека има и други кривични дела, кои во една постапка која ако би била да речеме коректна, би се утврдиле многу лесно бидејќи при настанот има очевидци. Лицето кое го пријавува дополнителниот заменик министер, кој прави судар и бега, што е кривично дело според мене, и всушност неговата изјава ја фрла во вода изјавата на министерот дека наводно бил нападнат затоа што тој него го пријавува, и до тука се детектира истиот и самата сообраќајка, по изјавата и по следењето на возачот кој е со оштетеното возило“, вели Рауфи.
Според Законот за безбедност во сообраќајот, тој што предизвикува сообраќајна незгода е должен да застане, во спротивно следува казна од 300 евра. Доколку возач со своето однесување ја загрозува безбедност максималната казна е затвор до три години.
Според законот за кривична постапка, давање на лажна изјава на сведок врз која ќе се донесе пресуда, казната изнесува пет години затвор.
Од соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ дознавме дека материјалната штета предизвикана со сообраќајната незгодна изнесува 150 евра. Во однос на тоа како од ВМРО-ДПМНЕ го коментираат тврдењето дека Спасов бил гонет од криминалци од албанското подземје и зошто воопшто бил мета на такви структури, накратко ни одговорија.
„Случајот е пријавен во МВР и тие треба да одговорат кои се тие лица и дали имаат криминални досија“, е наведено во писмениот одговор.
Рауфи вели дека оправдувањето со албанско криминално подземје е во најмала рака смешно и со тоа практично дополнителниот заменик министер си ја отежнува ситуацијата која и без тоа е тешка.
„Апсолутно се втурнува во последици кои многу потешки од самиот настан. Јас мислам дека таквиот изговор дека наводно бил нападнат воопшто не држи, затоа што ако имал таков напад истиот требало порано да го пријави. Ако се земе предвид дека имало и сопатник, со него тоа значи дека уште подобро ќе се утврди фактичката состојба“, вели тој.
Целиот текст прочитајте го тука