Се повикуваат евидентираните невработени лица кои се заинтересирани да се вклучат во мерката Обука на работно место за познат работодавач да се пријават во работните клубови на Центрите за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, каде редовно се евидентираат како невработени лица секој работен ден од 09:00 до 14:00 часот, соопштуваат од Агенција за вработување.
Избраните кандидати ќе поминат тримесечна обука која ќе се спроведува во работните простории на работодавачите согласно предложената Програма за обука од страна на истите. На учесниците во обуката ќе им биде издадена потврда за спроведената обука.
На невработеното лице кое ќе биде вклучено во обука ќе му биде исплатен надомест од 9.000,00 денари месечно, со вклучено осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионалан болест и данок на личен доход за времетраењето на обуката до 3 месеци.
Работодавачот има обврска да вработи најмалку 50 % од лицата вклучени во обука со полно работно време во траење од најмалку 6 месеци, во кој период истиот има обврска да не го намали вкупниот бројот на вработени лица на неопределено време.
На корисниците на паричен надоместок ќе им продолжи правото на паричен надоместок до завршување на обуката, додека корисниците на парична помош ќе продолжат да добиваат парична помош во текот на обуката.
Условите, правата и обврските поконкретно ќе бидат уредени со склучување на договор помеѓу Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, работодавачите и кандидатите.
Заинтересираните невработени лица можат да аплицираат се до исполнување на предвидениот опфат на корисници.
Детални информации можат да се добијат во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, контакт телефонот 02-3111-850 лок.223 и веб страната www.av.gov.mk.