Во декларацијата на албанските партии прва точка треба да биде она што јавно го кажуваат Беса и Алијанса за Албанците: во идната влада не треба да бидат лица кои се предмет на истрага на СЈО. Време за корекција има, пишува Катерина Блажевска за Дојче веле.
Кога ќе се „завее“ цела Македонија од десет сантиметри снег и патиштата ќе се блокираат, никој не прашува од која етничка припадност се возачите на машините за чистење снег, туку дали има гориво за нив, дали се во исправна состојба и дали може да ја завршат работата. Ни возилата за Итна помош немаат етничка регистрација. Нив или ги има, или ги нема. Ако во критични моменти не можат да дојдат на повик заради неисправност, недостиг на гориво, на кадар, опрема или лекови, никој не прашува како се вика лекарот и медицинската сестра. Сите прашуваат како може да се дадат толку пари за споменици, фасади и панорамски тркала, а да не остане ни денар за инвестирање во основните потреби за граѓаните – за здравство, патишта, водоводи, училишта… Кога ќе почине дете заради бирократски процедури или недостиг од пари за лекување во странство, има ли разлика во начинот на кој плаче македонската или албанската мајка? Нема. Солзите зборуваат на ист јазик. Кога некој е среќен, дури и ништо да не изговори, од неговото лице на универзален јазик зборува радоста – што дипломирал, се вработил, објавил книга, помогнал некому, му се родило дете… Кога ќе откаже блок на РЕК Битола и ќе снема струја, мракот не добива етничка боја. Мракот е ист и во албански, и во македонски, и во ромски, и во бошњачки, и во турски или српски дом. Студи со ист интензитет и на ист јазик. Студи на јазикот на неодговорноста на надлежните, неодговорност – не кон припадниците на етнички заедници, туку кон граѓаните – потрошувачи и плаќачи на услугата. Употребата на овие „јазици“ не е регулирана во Уставот, ама сите ги разбираме без „правила и прописи за употреба“.
Токму затоа ме чуди, што во оваа примордијална фаза во која се наоѓа Македонија (истоштена од непродуктивни трошоци, со огромен долг, со огромна невработеност, сиромаштија, блокирани села поради вообичаени врнежи од снег во зима, со индиции за разни криминали, со предмети кои треба да истражат кој и како го цицал државниот буџет и со длабока криза која бара длабоки реформи) парламентарните партии на Албанците потпишаа декларација која не ги одразува потребите на ова „време-невреме“.
За жал, Македонија не е зрела и функционална демократија, и декларацијата, без оглед на можеби добрите намери, сега (ин)директно додава нови плочки на нашиот пат кон пеколот. Истото се однесува и на бараните Државна комисија за финансирање на општините и Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Тоа е ново покритие за сѐ што досега не сработиле коалициските партнери во Владата, особено ДУИ. Ако не работел Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор, треба да се бара одговорност, а не „дајте ново дете“ (нова институција).
Јасно е дека на ДУИ сосема ѝ одговара ваква декларација, за да си го обели образот од децениското вазалство, но нејасно е зошто другите партии кои не беа дел од владините политики го ставија својот потпис на таква содржина. Во неа прва точка требаше да биде она што денес јавно го кажуваат Беса и Алијансата за Албанците: дека во идната влада не треба да бидат лица кои се предмет на истрага на СЈО. Требаше да има децидна изјава за продолжување на мандатот на СЈО и за усвојување на неопходните закони за негово непречено работење. Така и ДУИ ќе мораше да истрча на чист терен и да покаже за што се залага – дали за промени, реформи и принцип на казнивност и одговорност, или за иста состојба во ново пакување.
Ако потписниците на декларацијата сметаат дека Уставот не е библија и е отворен за промени, тогаш оваа декларација би требало да е уште пофлексибилна за промени. Па, нивната Тркалезна маса која функционира по принципот на ротација, веднаш може да изротира еден нов круг. Нека седнат, нека ја коригираат и дополнат со суштинските приоритети. Така ќе покажат дали е целта искрена, или (не)свесно, со нови декларациски витамини во јануари го потхрануваат и Мајскиот договор, и старите владејачки тактики и практики. Барем ќе знаеме на што сме.
Катерина Блажевска
Извор: Дојче веле