Изјава на Ахмети по средбата со Заев

По средбата на лидерите на СДСМ и на ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, која вечерва се одржа во седиштето на СДСМ, Ахмети за Алсат-М рече дека со Заев разговарале за стратегијата како во функција би се ставиле државните институции.

– Неопходно е да се изнајдат начини да профункционира Собранието, со најдобра намера да продолжиме понатаму со преговорите за градење на институциите со кои треба да се води државата – изјави Ахмети.

Прашан дали планира да се продолжи конститутивната собраниската седница која не е довршена, Ахмети одговори:

– Секако дека се разговара за таква стратегија. Треба за тоа да се разговара со сите политички сили и да се постигне согласност со главните политички партии и Собранието да почне со работа и да се избираат собраниските органи и комисии за да се стави во функција ова висока државна институција.

Во однос на формирањето на Владата, Ахмети смета дека тоа треба да се случи по изборот на собранискиот спикер, кој според него, формално ќе го извести претседателот на државата дека има парламентарно мнозинство и програма врз основа на која тој треба да му го довери мандатот на Заев.

– Најнеопходно е прашањето на конституирање на Собранието. Сите напори се во насока да се стави во функција Собранието и да се избират собраниските органи, да се направи официјално барање од Собранието, од претседателот на Собранието на Република Македонија до претседателот на државата, за да му даде мандат за формирање на новата влада. Не може да се зборува за конституирање на еден орган, без да се има мандат. Значи, во прв ред треба да му се даде мандатот на мандатарот и потоа да се водат преговори за ресорите. За нас е малку важно управувањето на ресорите, за нас е поважно да му се даде мандатот на новиот мандатар и потоа да се зборува за поделбата на ресорите – изјави Ахмети.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e