Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека е одлучено кои ќе бидат новите директори на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), меѓутоа нивните имиња ќе останат во тајност до седницата на влада на која треба да ги предложи.
Спасовски ова денеска го потврди на прес-конференцијата по повод потпишувањето договор за донација од повеќе од еден милион евра со амбасадорот на Чешка во Македонија, Мирослав Рамеш.
„Имам донесено одлука и ќе ја доставам на седница на влада кога ќе мислам дека треба да бидат избрани“, рече Спасовски.
Инаку, како што потврди и самиот, седница на владата е закажана за денеска, но не одговори конкретно дали ќе ги предложи новите директори уште денеска.