Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, утре ќе има поединечни средби со политичките партии, во рамките на најавените консултации за нов мандатар, потврдиле од неговиот кабинет за државната новинска агенција МИА.
– Консултациите со парламентарните политички партии следуваат по средбата на Иванов со претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски, и по средбата со евроамабасадорот Жбогар – рекле од кабинетот на Иванов.
Иванов вчера најави дека ќе почне консултации со надлежни институции и со политичките партии во врска со формирањето на новата влада, по неуспехот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, да состави владина коалиција со ДУИ.
Претседателот на Македонија вчера имаше средба со амбасадорот на Европската Унија во земјава, Самуел Жбогар, а денеска се сретна со претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски.
Портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, вчера на прес-конференција истакна дека Европската Унија очекува од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, „да изврши итна и отворена консултација“ со политичките партии во земјата и „бргу да определи лидер за формирање влада“.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вчера на прес-конференција рече дека очекува од претседателот Иванов нему да му го додели мандатот за формирање нова влада и дека сите поинакви опции ќе значат кршење на Уставот и злоупотреба на функцијата.