Ѓорѓе Иванов, претседателот на Македонија, во книговодството не ја пријавил вредноста на даровите кои ги примил досега, се вели во една од забелешките на тукушто објавениот извештај за 2017-та на Заводот за ревизија.
„За добиени дарови воспоставена е евиденција по вид, количина и по години, но не е извршена проценка на сметководствената вредност на истите“, гласи еден од заклучоците на државниот извештај.
Од таму констатираат дека ваквата состојба влијае на воспоставувањето на комплетна евиденција на стварите, како и на нивното прикажување во билансот на состојба.
На одговорното лице од кабинетот му се препорачува да продолжи со активностите на утврдување на вредноста и сметководствено евидентирање.
Се тврди дека не се целосно осигурани движните и опремата која ја користел во кабинетот, како и дека биле ангажирани несоодветни попишувачи на стварите.
Се заклучува дека кабинетот на Иванов имал свои народни канцеларии од 2010 во Тетово, кои Владата во 2015-та ги продава, а потоа истиот кабинет плаќа кирија за користење на просторот кај приватниот сопственик.
Во 2015 и 2017 кабинетот на Иванов добива книги од Министерството за култура во вредност од 103.000 денари, но истите не се евидентирани во книговодството.
Во моментов има три неизвесни судски постапки во кои тужени се претседателот и неговиот кабинет за додаток на плата за стекнат степен на кариера во висина од 40.000 денари.
Ревизорскиот извештај утврдува дека постојат и некои нејасни и неутврдени критериуми по кои се определува, односно ограничува висината на платата на советниците.
Извор: Фактор
