Истрагата утврди дека Груевски не излегол од земјава преку легален премин

Нема да има одговорност кај Граничната полиција за бегството на осудениот експремиер Никола Груевски, бидејќи со сигурност било утврдено дека тој не избегал од легален граничен премин кон Албанија, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од Јавното обвинителство на Македонија.

Не се знае каде точно ја преминал границата за да пребегне во Албанија, се претпоставува дека е на некој од дивите премини што често ги користат мештаните што живеат околу границата од двете страни. Предистрагата утврдила дека во неговото бегство нема пропуст од службените лица од граничната полиција на Ќафасан, Свети Наум, Стење, Џепиште или Блато, кои се официјални гранични премини.

Снимките од безбедносните камери од граничните служби на Албанија и Црна Гора се обезбедени, а од нив Обвинителството за организиран криминал и корупција може да види само како се движело унгарското дипломатско возило со кое од Албанија Груевски тргнал преку Црна Гора и Србија, до Унгарија, крајната дестинација од чии власти тој за само неколку дена во брза процедура доби азил.

Проблемот како со лична карта (бидејќи пасошот му е во Основниот суд Скопје 1) Груевски влегол во Унгарија, е проблем на оваа држава и на ЕУ. Министерството за правда на Унгарија уште не се изјаснува за барањето за екстрадиција на Груевски, но од Обвинителството се сомневаат дека одлуката за азил која беше донесена за штитеникот на премиерот Виктор Орбан, ќе опстои уште долго.

Последен пат пред околу две недели шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Рускоска рече дека се прегледуваат снимките од движењето на Груевски низ Скопје, се до денот на неговото бегство на деветти или на десетти ноември 2017 година. Таа рече дека за бегството на Груевски се истражува евентуална одговорност на домашните институции, а од досега утврденото, има ненамерни пропусти.

Груевски на 13 ноември преку Фејсбук се јави дека е во Унгарија, а веќе на 20 ноември се пофали дека доби азил од унгарските власти.

Извор: СДК

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e