„Кога се разбудив, слушнав викотници. Забележав луѓе со крвави глави и раце, слушнав дека некој кажа дека има загинати“, вака ја започнал својата исповед млад човек од Битола, за српски „Блиц“, по несреќата на автобус кој сообраќал на линија Битола – Виена, а синоќа истиот се превртел кај Лесковац.
На лице место починале еден маж и две жени, додека четири лица се потешко повредени и се префрлени во болницата во Ниш. Останатите 28 повредени се примени во болницата во Лесковац.
„Не знам кој повика брза помош и полиција, но брзо стасаа неколку автомобили од брза помош и лекари кои влегоа во автобусот. Веднаш беше укажана помош. Потоа пристигнаа и пожарникари, мислам дека се од Лесковац и сите заедно не извлекоа од автобусот“, додава младиот дечко.
Повредените кои биле во состојба да зборуваат, кажале дека не знаат како дошло до несреќата, затоа што претежно сите патници спиеле во тој момент.
Сите патници од автобусот добиле топол оброк и сместување во одделенијата со празни кревети, за да се одморат, додека по нив пристигне превоз од Македонија.
„Автобусот беше превртен, тројца патници беа без знаци на живот. Екипата на брзата помош од Лесковац која прва стасала на лице место им укажуваа помош на повредените. Имаше патници и кои беа заробени во автобусот. Нив ги ослободија пожарникарите“, откриваат тамошните медиуми.
