Во рамките на првата седница на Интерпартиската парламентарна група за реформа, интеграција и помирување беше донесена одлука за формирање на три работни подгрупи за реформи, интеграција и помирувањето, изјави денеска потпретседателката на Собранието и потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски, која воедно е и потпретседателка на Интерпартиската парламентарна група.
„На денешната прва седница на Интерпартиската парламентарна група за реформа, интеграција и помирување, се согласивме, заради динамизирање и усогласување на текот на процесите, да формираме три подгрупи коишто ќе работат на трите подрачја, односно, на реформата, интеграцијата и помирувањето. Интеграцијата е во контекст на дебатата и подготвување на текстот на уставните измени што го гарантираат членството во ЕУ и НАТО, но и процеси што треба да рефлектираат заедничка перспектива и видик на сите пратеници за иднината на Македонија.
Втората група ќе работи на поширок план на помирување. Ќе анализира и ќе предлага решенија што се поврзани со причините и настаните од 27 април со долгорочен план за помирување. Ова е рефлексија на еден консензус помеѓу одговорни пратеници кои сметаат дека без помирување, односно без дебата за темите што не делат, не можеме да продолжиме по патот на интеграција и реформи. Третата подгрупа ќе работи можеби најдолго во оваа Интерпартиска група, ќе се занимава со прашањето на реформскиот процес за европската агенда. Тоа значи дека нашата цел како пратеници е преку градење на инклузивен процес и носење на одлуки со консензус за прашања што допираат реформи и двотретински закони кои произлегуваат од европската агенда, да бидат изградени преку консултативен процес и преку консензус преку оваа Интерпартиска парламентарна група“ изјави Ременски.
