По повеќе од 12 часа во кривичниот суд, нешто по полноќ заврши распитот на петмина осомничени во случајот „Империја на СЈО, а од 2 по полноќ па натаму, судијката на претходна постапка Весна Димишкова, пред која даваа исказ обвинетите почна да им ги дели решенијата со кои го прифати барањето за определување мерка притвор во траење од 30 дена, објави „Сведок“.
Околу 1 часот претходно, обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот, го напушти судот, а се врати околу 2 зедно со Катица Јанева, да ги подигнат решенијата за притвор за Јордан Камчев и Ненад Јосифович, додека другите решенија се изготвуваа.
Во оваа петорка се и Тодор Мирчевски од „Ексико“, Цветан Панделески од ЗК Пелагонија и Зорица Арсовска, сметководител во фирмите на Камчев. Во предметот се опфатени 13 лица, а за 5 се бараше притвор.
Нешто по 2.30 часот утринава, со возила на истражители на СЈО осомничените беа спроведени во Истражниот затвор во Шутка. Се сомничат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.
Претресите во просториите на Орка Холдинг почнаа вчера, околу 6 часот утрината со асистенција на Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција, а беа спроведени и во домовите на осомничените и во другите фирми.
Интересно е што во случајов како второ осомничен е и Сашо Мијалков, но за него СЈО не побара мерки.
Во текот на денот, Јордан Камчев и Цветан Панделески во соопштенија изветија дека нивните фирми вработуваат многу лица и дека нивната работа се базира на транспарентност и одговорност. Од СЈО пак, покрај периодот 2002-2013 како што пишувало во судскиот налог за претрес, најавија дека може да ја прошират истрагата за нови лица и за нови кривични дела и ќе бараат замрзнување на имотот.
Во случајот „Империја“: опфатени се Јордан Камчев – директор на Орка Холдинг, Аџибадем Систина, Лајф кеар сентар, поранешен неизвршен член на Одбор на директори на Бетон Штип, неизвршен член на Одбор на директори на ЗК Пелагонија, Сашо Мијалков – поранешен директор на УБК, Ненад Јосифовиќ – близок соработник на Камчев, член на Надзорен одбор на Стопанска банка Битола, Цветан Панделески – претседател и неизвршен член на Одбор на директори на ЗК Пелагонија, поранешен неизвршен член на Одбор на директори на Бетон – Штип, Ратка Куноска Камчева – и неизвршен член на Одбор на директори на Орка Ходинг, Кристина Камчева Стојческа – неизвршен член на Одбор на директори на Жито Полог Тетово, Кара АД, Монт ДООЕЛ, Орка Фајнанс ДООЕЛ и О.К хотел ДООЕЛ Скопје, Зорица Арсовска – сметководител во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одбор на директори на Жито Полог, неизвршен член на Одбор на директори на ЗК Пелагонија, неизвршен член на Одбор на директори на Орка Холдинг, Лилјана Гајдоска – правник во фирмите, и неизвршен член на Одбор на директори на ЗК Пелагонија, Владислав Стајковиќ – сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Тодор Мирчевски – директор на „Ексико“, поранешен неизвршен член на Одбор на директори на Бетон – Штип, неизвршен член на Одбор на директори на ЗК Пелагонија, неизвршен член на Одбор на директори на Жито Полог, Ванче Мијалчев – извршен директор на Бетон Штип, Јованче Тасковски – брокер и овластено лице во ДИС- Архивирај ДОО Скопје
