Хелсиншкиот комитет за човекови права реагира на одлуката на Врховниот суд за укинување на притворот за Сеад Кочан осомничен за случајот „Труст”.
Оттаму велат дека со оваа одлука и со постапувањето по барањето на Јавното обвинителство и повикувањето на Законот за кривичната постапка за одлучување по барање за заштита на законитоста, Врховниот суд донел незаконско решение и отворил преседан кој е во спротивност со принципот на владеење на правото.
„Наоѓањето на Врховниот суд дека немало доволно докази за основаноста на сомневањето како општ услов за притворот е фактичко прашање кое што овој суд не можел да го цени во постапка за вонреден правен лек, бидејќи истиот ниту ги извел ниту може да ги цени доказите презентирани пред надлежните судови пред кои се водела контрадикторна расправа и е донесена мериторна одлука. Од друга страна, ова е прв пат кој и да било суд во Македонија да одлучи дека лицето против кое е опрделил притвор треба да се пушти на слобода до донесување на одлука по жалба. Ако се знае дека советот на Врховниот суд со учество на истиот (старо/нов) претседател Јово Вангеловски пред неколку години го разреши судијата Јордан Митриновски затоа што оценил дека наместо привор е доволно да се определи куќен притвор со гаранција, не сме многу убедени дека сега Врховниот суд и Републичкото јавно обвинителство одеднаш и преку ноќ станаа ултралиберални поборници за правата на осомнилените. Напротив, постапувањето на Врховниот суд отвора сериозен сомнеж за политички влијанија за усвојување на незаконското решение“, велат од Хелсиншки комитет.
Од таму велат дека согласно член 5, став 3 од Законот за СЈО, специјалната обвинителка Катица Јанева е овластена да презема дејствија и да застапува предмети пред основните, апелациските судови и пред Врховниот суд.