Груби: Сите измислици за наводна федерализација, поделба, кантонизација и нарушување на уставниот поредок се детски приказни

Шефот на Кабинетот на претседателот на ДУИ, Артан Груби на својот Фејсбук профил излезе со објаснувања за точките на Заедничката платформа на албанските партии, по одлуката на претседателот, Ѓорге Иванов да не му го додели мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, иако, пишува дека, е свесен дека оваа одлука не се однесува на платформата.

Во едно од објаснувањата на Груби се вели дека дебатата за националните симболи ја отвориле македонските партии и не значи промена, бидејќи, како што пишува, за тоа потребно е 2/3 мнозинство плус Бадентер, но и општествен консензус.

Тој исто како и неговиот лидер, Али Ахмети пишува дека изјавата е подготвена во Скопје од страна на албанските партии, дека произлегува од изборните програми на парламентарните партии, а единствената улога на Тирана и Приштина беше логистичко олеснување на одржување на состанокот.

„Резолуцијата за злосторства против Албанците опфаќа и злосторства против Македонците кои биле жртви на минатиот век. Повеќе пари за општините ја зајакнува локалната власт и квалитетот на животот на граѓаните. Соодветната и правична застапеност е законска и уставна обврска. Владеењето на правото е заложба на сите политички партии, албански и македонски.

Вклучувањето на Албанците во надминување на отворените прашања со соседите е додадена вредност и момент на преземање на формална одговорност на нашите партии. Интеграцијата во НАТО и ЕУ исто така е обединувачко ткиво на заедниците во земјата и приоритет за сите нас“ пишува Груби.

Груби порачува дека сите измислици за наводна федерализација, поделба, кантонизација и нарушување на уставниот поредок се детски приказни.

Извор: 24Вести

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e