Грипот коси – Ќе се продолжи ли распустот за учениците?

Во втората недела од 2026 година, состојбата со грипот во земјава се наоѓа на ниво на средна активност, со зголемен број на заболени, но без потреба од воведување претерани мерки, изјави д-р Драган Кочински од Институт за јавно здравје.

Од 5 до 11 јануари регистрирани се вкупно 2.322 заболени лица, што е за 34,6 отсто повеќе во однос на претходната недела. Во споредба со истата недела претходната сезона, бројот на заболени е зголемен за 2,2 пати.

Највисока инциденца на заболување се бележи кај децата на возраст од 0 до 4 години. Заболени лица се регистрирани во 25 региони во државата, при што најмногу регистрирани случаи има во Скопје, а само во Берово, Пехчево и Делчево досега нема ниту еден регистриран случај.

Одговарајќи на новинарско прашање за можноста за продолжување на зимскиот распуст, д-р Кочински истакна дека иако растот на бројот на заболени е забележан неколку недели порано од вообичаено, нема потреба од таква мерка.

„Бројките се очекувани за овој период од годината. Точно е дека засега имаме раст неколку недели порано од очекуваното. Засега сме во средна активност и тоа не дава можност да даваме претерани мерки како што е продолжување на зимскиот распуст. Ја следиме состојбата и доколку има промени, ќе излеземе со соодветни препораки“, изјави тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e