Кога Уставен суд одбива да се бави со својата работа, тоа сите нас нè чини пари. Значи – наши пари. Зборуваме конкретно. Не зборуваме за апстрактни поими како што се достоинство, интегритет, чест, чист образ, Устав, закон, правда, право, стручност, знаење, независно судство… И црн понеделник. Зборуваме за конкретна цифра. 30.000 евра.
На шест новинари државата треба да им исплати отштета од по 5.000 евра, затоа што на 24 декември, 2012 година собраниското обезбедување насила ги избрка од новинарската галерија, за да не известуваат кога полицијата со влечење ги изнесуваше пратениците од опозицијата при гласањето за Буџетот. Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека на новинарите им било загрозено уставното право за слобода на јавно изразување.
Пресудата во Европскиот суд за човекови права дојде откако Уставниот суд на Република Македонија се прогласи ненадлежен да одлучува по барањето на шестмината новинари да им се заштитат уставните права.
Да се разбереме. Кога ќе се каже државата треба да им плати, тоа значи дека ние сите ќе одвоиме од уста и ќе треба да им платиме. А зошто ние да платиме? Кога ќе ја утнеш работата, сам си ја плаќаш штетата. Не бараш сите други да ти платат.
Ај сега уставните судии, особено тие што гласале да се прогласат ненадлежни да го штитат Уставот, нека си ги викнат новинарите и нека им исплатат по пет илјади евра од дома. Ако им е многу, нека му се јават и на Трајко Вељаноски, кој како тогашен претседател на Собранието му наредил на обезбедувањето да ги исфрли новинарите. Трајко нека плати. А ако тој се потрошил за донации за партијата, па во моментов нема доволно, тогаш нека му помогнат и тогашните министри Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески кои командуваа со акцијата. А ако и тие не сакаат да платат, нека плати тој што им нареди да ги исфрлат и новинарите. Ама, уште не знаеме кој е. Оти и обвинителот Марко Зврлевски не се мешаше во својата работа, па не откривме кој нареди да се скрши Уставот. Па и Марко нека плати.
2За разлика од македонските судии што по секоја цена гледаат да не се мешаат во својата работа, во САД судиите пресудија против извршната наредба на претседателот Трамп за забраната за влез на патници од седум претежно муслимански земји.
Научија ли нешто нашиве судии, кога американската амбасада ги носеше на студиски патувања низ Америка? Не научија дека нивната работа е да ја штитат правдата, а не лидерот? Не научија дека интегритетот е поважен од лојалноста кон владејачката партија? Не научија дека достоинството и образот не се мерат со плусовите и штиклирањето во тефтерчето на лидерот на партијата?
Е па, не научија. Таму не научиле ништо. Оти дома биле презафатени со учење како да се стане судија со сваровски маки.
Целата колумна на Горан Михајловски прочитајте ја тука