Гога Поп Георгиевски во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ зборуваше за иницијативата од тројца доктори, кои изработуваат визири за потребите на здравствените работници.
-Во моментов имаме над 55 активни 3Д принтери. Во принцип оваа технологија и нејзината цена варира. Од хоби до професионални. Оваа иницијатива која не обедини е започната од Д-р Ненад Лазаров, Д-р Бојан Трајковски и Д-р Александар Каревски. Тие тројца дошле до заклучок дека на Македонија и фали медицинска опрема, односно визири и ја покренале иницијативата на фејсбук. Тоа се рашири на социјалните мрежи и кон таа работа се приклучија оние кои што тоа го работат, изјави Поп Георгиевски.
Тој го објасни процесот на изработка на визирите.
-Еден визир со редизајни се штампа нешто повеќе од еден час. Се штампаат повеќе наеднаш. Не сме обврзани со бројка, се оди на доброволна база и досега имаме предадено над 1.000 визири до сите здравствени установи кои поднеле барање дека им е потребен. Се се прави во координација со докторите. Тие го прават протоколот за дезинфекција и стерилизација на опремата, додава Поп Георгиевски.
На крај тој истакна дека многумина ја препознаа оваа иницијатива и придонесуваат со донирање средства.
-Морам да кажам дека како што почна иницијативата, така и се појавија голем број на луѓе и компании кои почнаа да донираат средства за оваа намена. Така што ние сега имаме доволно средства за да ја реализираме кампањата до крај и сите до еден здравствени работници да ги покриеме со бесплатен визир, рече Поп Георгиевски.