Германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих денеска изјави дека причината за одложувањето на почетокот на преговори не ја гледа во кандидатките Северна Македонија и Албанија, туку во скептицизмот од проширувањето. Порачува земјава да ги продолжи реформите, и на тој начин да ги убеди скептичните дека нејзиното место е во ЕУ. Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, од своја страна, повторно порача дека владеењето на правото и борбата со корупцијата остануваат клучен приоритет.
Герберих, на обраќањето на меѓународна научна конференција на тема „Транзиција на правните системи: 30 години по падот на Берлинскиот ѕид“, што се одржува денеска и утре на Правниот факултет во Скопје, рече дека на Самитот во Солун во 2003 година беше јасно изразена европската перспектива на Западен Балкан.
– Денес, на почетокот на ноември 2019 година, расположението изгледа се промени. Уште еднаш се одложи почетокот на преговори за членство со земјите кои најмногу остварија, Северна Македонија и Албанија. Причините за тоа не ги гледам кај двете земји, туку во силниот скептицизам за проширувањето што во моментот е видлив и меѓу граѓаните на земјите-членки на ЕУ. Тоа ги натера лидерите да одговорат на тоа, ставајќи ја на тој начин целата политика на проширување на тест, рече Герберих.
Според него, отворањето преговори со Северна Македонија останува суштинско прашање за безбедноста и стабилноста во Европа. Рече дека Германија е особено поврзана со Западен Балкан на политички и економски, како и социјално бидејќи многу луѓе од овој регион живеат во Германија и тоа е од заеднички интерес и за Западен Балкан и за ЕУ.
– Германија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, како што тоа и секогаш го правеше. Сметаме на земјата да ги интензивира реформите, и на тој начин да ги убеди оние што имаа се уште сомневања, дека нејзиното место е во ЕУ. Порача германскиот амбасадор и повика да продолжи спроведувањето на реформите и владеењето на правото.