Фирмите на Зоран Антиќ, еден од сопствениците на фирмите „Обновители“ и на „МГ Фешн“, кои станаа газди на земјиштето спроти ГТЦ каде што е предвидено да се градат висококатници, се поврзани со компании на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, покажуваат податоците од Централниот регистар, објави Макфакс.
Овие две фирми со заеднички именител – кумановскиот бизнисмен Антиќ пред еден месец со непосредна спогодба го купија државното земјиште спроти „Холидеј ин“ од 9 илјади квадратни метри за 312 евра по квадрат. На ова место е предвидено да се градат 60-катници, но засега Општина Центар има ставено мораториум за градби.
По обелоденувањето на информацијата, во јавноста почна многу да се говори за МПЦ како нов сопственик на земјиштето, а малку за кумановскиот бизнисмен Антиќ, кој е бизнис-партнер и со црквата, преку фирмата „Обновители“, но и со фирма во Прага, преку која се поврзува со Мијалков.
Екипата на „Макфакс“ изврши увид во речиси сите фирми каде што газдата на познатиот бренд „Битсиани“, Зоран Антиќ, фигурира како сопственик. Негова фотографија речиси и не се појавува во медиумите, во архивите не можат да се најдат негови изјави, а сепак, неговите бизниси се поврзуваат со многу атрактивни локации во центарот на Скопје.
Според Централниот регистар, Антиќ се јавува во сопствеништвото на осум компании. Едната е фирмата „Обновители“, каде што сопственици се Зоран Антиќ заедно со Македонската православна црква (МПЦ).
Втората фирма e „МГ Фешн“, каде сопствеништвото го делат Зоран Антиќ и неговата сопруга Тања. Оваа компанија се јавува како сопственик на повеќе фирми, од кои едната води кон Прага, Чешка.
Па така, „МГ Фешн“ е еден од сопствениците на компанијата „Волис проперти ФЛ“, заедно со „Квалитет пром“ од Куманово и „Билдинг капитал“. Фирмата мајка на „Билдинг капитал“, пак, се наоѓа во Прага, Чешка.
Сопственик на „Билдинг капитал“ е Build Fashion Group SRO од Прага, а документите од чешкиот регистар говорат дека управител на оваа компанија е Зоран Антиќ. Последните промени се направени во мај годинава, кога Антиќ му дава полномошно на чешкиот државјанин Горан Гацов, кога основачкиот влог на фирмата се зголемува од 250 илјади на 500 илјади круни, односно на речиси 20 000 евра.
Повеќе на Макфакс на следниот ЛИНК.
