Фрчковски: Киднапирана организација

Деновиве, драги мои, некако во сенка на гигантскиве глупости кои ги изводи Хорхе, се одвива тајно, скоро византиски секретно, една во основа мошне важна дебата за промена на Статутот на УКИМ, во делот на студентското организирање.

Знаете дека тоа организирање, неговата несоодветност и партиска злоупотреба беше во основа на сите проблеми со организацијата наречена Студентски Парламент и нејзината опструирачка, погрешна улога во студентските протести, незастапување на студентските барања, груб судир со вистинските студентски интереси сиов овој период и конечно со организирање на криминални избори за претставници на студентите во телата на УКИМ и факултетите, пролетва годинава кои беа покриминални и насилни и од партиските избори (зар е и тоа можно многумина се прашуваа).

Основа на сета оваа злоупотреба на студентското организирање и нејзино киднапирање од партиите е во статусот на таа организација кој е незаконски (спротивен е дури на овој денешен Закон за високо образование) и несоодветен на студентска организација, а нема ни компаративна поддршка во студентските организации во регионов и Европа.

Имено, Ректоратот одлучи после последните криминални избори во организацијата да ги осуди со изјава на Сенатот, но молчешкум ги прифати избраните квази-студентски претставници во Сенатот на УКИМ(?) Одлучи да покрене промена на сопствениот Статут за измена на одредбите за студентско организирање со цел да се регулира конечно оваа организација – но тоа денес со предлогот за кој се расправа не се чини. Се прифаќа статус-квото на таа организација и се предвидуваат минорни измени во учество на Ректоратот ако таа организација (Студентскиот Парламент) не организира избори, Ректоратот да ги организира (???)

Предлогот на Ректоратот е во основа незаконски, а концепциски погрешен!

Ова од следниве причини:

Денес Студентскиот Парламент е со статус на невладината организација (регистрирана според Законот за Невладини организации и Фондации) и одговара и ги претставува СВОИТЕ ОСНОВАЧИ и доброволното членство, а не студентите на УКИМ! Како таква, органите на УКИМ не можат да се мешаат на ниту еден начин во нејзината работа (според Законот за Невладини…). Со тоа сегашниот Студентски парламент е претставничко тело на своите основачи, а не на студентите на УКИМ (неговите основачи се некои стари студенти кои сега немаат врска со УКИМ, а членството се доброволни по случајна афилиација можни студенти и други и.т.н.).

Мошне сериозен проблем е што оваа невладина организација не се финансира од парите на своите основачи и доброволно членство, туку од обврзното финасирање од студентите на УКИМ за кое тие задолжително плаќаат и се собираат во Фонд на УКИМ од кој се финансира, прво директно, а потоа преку „проекти“ предложени од Студентскиот парламент?! Тој фонд изнесува на годишно околу 300.000 евра и до сега непроблематично му е доделуван на СП.

Заклучно, Студентскиот парламент има проблем со РЕПРЕЗЕНТАТИВНОСТА, бидејќи не ги претставува студентите на УКИМ, туку своите основачи, а троши пари на студентите на УКИМ. Ова е законски проблем од сериозна димензија и не смее да се толерира понатаму, а Статутарните измени предложени од Ректоратот токму тоа го прават.

Второ, Статутот на УКИМ во овие делови е во СПРОТИВНОСТ со Законските одредби од Законот за високо… чл.156, ставовите од еден до три. Бидејки Законот вели дека:.… студентите учествуваат со управувањето на високо образовните институции….. преку претставници кои ги избирааат во студентскиот парламент на универзитетот…. ! Користи придавка „на“ со што смета дека е тоа тело на Универзитетот, во состав на Универзитетот, Универзитетско тело и сл.

Наспроти ова во чл 349 – 359 на Статутот на УКИМ се користи следниот вординг: СП е организација во која членуваат претставници на студентите…..

Според Законот за високо (не се утврдува никаде каков статус има студентскиот парламент, кој се споменува по име со мали букви напишано и се остава во надлежност на Статутите на Универзитетите да се определи статусот на СП) СП не е организација (невладина), а според Статутот на УКИМ, СП е организација (невладина). Ова мора да се промени со следните статутарни промени, но не овие кои ги предлага Ректоратот (потполно нејасно од кој концепт и памет се води(???).

Измените на Статутот на Ректоратот МОРА да ја постават СП во статус на ТЕЛО НА УНИВЕРЗИТЕТОТ, со посебен суи-генерис позиција на нагласена автономија и се останато, но сепак ВО СОСТАВ НА УКИМ, а не надвор од него на волја и милост на нејзините основачи и доброволни (произволни и нејасни) членови.

Во таа смисла деновиве Правен факултет едногласно ги отфрли предложените статутарни измени од Ректоратот, бидејќи ги оцени како незаконски и концепциски несоодветни. Факултетот предложи алтернатива на статутарни измени, со цел да му помогне на УКИМ конечно да го постави овој проблем во законски и концепциски исправни рамки. Тоа според Правен може да се стори во истиот временски период за кој ќе се имплементираат било кои измени на Статутот на УКИМ.

Љубомир Д. Фрчкоски

Извор: Либертас

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e