Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев присуствуваше на божествената литургија којашто се одржа во црквата Св. Леонтиј, во манастирот во Водоча, Струмица, во чест на празникот Рождество Христово – Божик.

Владина делегација предводена од заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерката за правда, Рената Дескоска и министерот за финансии, Драган Тевдовски, присуствуваше на централната свечена божествена литургија во соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, по повод празникот Христово раѓање – Божик.

Утрово, заменик претседателот на Владата на Република Македонија и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со директорот на Комисија за односи со верските заедници и религиозни групи, Дарио Сотировски, присуствуваше на Божикна литургија во соборниот храм „Св. Богородица“ во Гостивар, додека министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски присуствуваше на литургија во црквата „Свети Димитрија” во Крива Паланка, по повод празникот Христово раѓање – Божик.

Со присуството на своја делегација и претставници на овој свечен празничен чин, Владата на Република Македонија се придружува на прославувањето на Христовото раѓање заедно со сите православни христијани и упатува честитки по повод празникот Божик.

