Само еден ден откако со одлука на Врховниот суд, на бизнисменот Сеад Кочан му беше укинат притворот поради кој два месеца беше недостапен за полицијата и судовите, тој се појави во Скопје. Влегол во земјава преку граничниот премин Табановце, а утредента се јавил на скопската Клиника за кардиологија.
На повторното одлучување за притворот на Кочан, адвокатот Никола Додовски претставил документација со која се тврди дека неговиот клиент е сериозно болен. Клиниката достави документи дека на Кочан на 16 мај му е вграден стент. СЈО претходно побара во судницата да биде повикан лекарот кој го лекува Кочан. Судот ова го одби и на контроверзниот бизнисмен му дозволи да се брани од слобода, со гаранција од 875.000 евра.
Во 65-те дена додека Кочан не беше достапен за органите, јавноста шпекулираше со дестинацијата на двомесечното „службено патување“ – од Косово и Србија, до Русија, се нагаѓаше со можните одредишта за бегство на бизнисменот, додека вработените од „Трансмет“ и од телевизијата „Нова“ секојдневно протестираа пред СЈО, тврдејќи дека нивниот газда е всушност жртва на политички мотивирана хајка.
„Трансмет“ е меѓу фирмите што добиле најмногу државни пари. Компанијата учествуваше во изградбата на автопатот Кичево-Охрид, ја правеше фонтаната на плоштадот „Македонија“, улицата „Тоше Проески“ во Ново Лисиче, ископува јаглен за ЕЛЕМ… Вкупно 46 тендери вредни вртоглави 85 милиони евра. За тоа колку ревносно власта на ВМРО-ДПМНЕ работела со Сеад Кочан најдобро зборува вчерашната (19 мај) информација дека „Трансмет“ добива уште еден тендер од ЕЛЕМ, и покрај тоа што неговиот газда е обвинет токму за тендерски измами, а целиот имот и сметките на компанијата се замрзнати!
Исходот на сагата со Кочан е далеку од извесен, а неговиот случај може да се покаже како клучен во откривањето на партиско-финансиските мрежи на довчерашната власт.
Кој е Сеад Кочан и како тој, од релативно скромен сопственик на семејна фирма, се претвори во контроверзна политичка фигура и десна бизнис-рака на „фамилијата“ што 11 години ја владееше Македонија?
Градежната компанија „Трансмет“ ја основал таткото на Кочан, Исмет, пред 25 години. Тој долго бил градежен работник во Западна Европа, а со спечалените пари, како повратник во Македонија, отвора сопствена семејна фирма. Неговите тројца синови: Сеад, Дин и Сеид, во раните години на компанијата, помагале и работеле на градилиштата, а по смртта на Исмет, синовите ја наследуваат фирмата. Сеад се школувал во странство, а во 2004 година се враќа во Македонија за да раководи со семејната фирма. Во ова време „Трансмет“ имал 12 вработени. Само десетина години подоцна, фирмата израснува во вистински гигант за македонски услови, со бизнис проширен во повеќе сектори и над 500 вработени. Од истрагата на СЈО, но и од обемот на работа што „Трансмет“ ја добивал од државата изминатите години, се наѕира дека голем дел од успехот на компанијата се должи токму на подготвеноста на Кочан да „игра“ со власта.
Подемот на Кочан и неговата компанија е тесно врзан со членството во Сојузот на стопански комори, организација која обединува над 1000 компании. ССК е основан во 2004 година како пандан на Стопанската комора на Македонија, во која членуваат големите компании и бизнисмени. Влијанието на политиката, особено изразено во односот на Груевски кон бизнисмените, и овде е јасно видливо. Наспроти Стопанската комора, на која традиционално се гледа како „бастион“ на големите компании од социјализмот и нивните денешни остатоци, ССК уште од почетокот на своето постоење во јавноста важеше за алтернатива, комора која ги собира помалите фирми, но и место во кое власта на ВМРО-ДПМНЕ, традиционално спротивставена на „олигарсите“ од транзицијата, ќе најде простор за свое влијание врз бизнисот.
Претставниците на ССК во своите јавни настапи низ годините никогаш не ги критикуваа економските политики на власта на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат повеќето од нив беа поштедени од инспекции. Дел од посебно послушните компании-членки на ССК беа наградувани со примамливи државни тендери. Сеад Кочан добива позначајна улога во ССК во 2009 година, кога како претседател на Градежната комора за првпат се појавува во медиумите, бранејќи ги интересите на градежните компании-членки на Сојузот. Во неколкуте години што следат, „Трансмет“ почна редовно да добива милионски тендери за најразлични проекти на власта на ВМРО-ДПМНЕ.
Според извори од управните органи на ССК, со години не било тајна дека Кочан бил избран од Груевски да го осигура неговото влијание во бизнис-заедницата преку ССК, чии компании-членки во меѓувреме израснаа во многу посериозни, односно „потешки“ играчи во македонското стопанство. „Груевски во разговор со нас велеше дека нема поим што се случува во коморите, а знаевме дека го форсира Кочан“, вели нашиот извор. Од овие „игри“ во ССК, Кочан во 2014 година излегува како заменик-претседател на Сојузот, а претседателка стана Данела Арсовска, за која нашите извори велат дека е избрана како дел од истата „струја“. Овој исход за многумина во ССК бил предвидлив, а со него Кочан како да ја потврдува поговорката, за која во едно интервју вели дека „често ја споделувал“: „Тој што сака, ќе најде начин, тој што не сака, ќе најде причина“.
Од почетокот на политичката криза и објавувањето на „бомбите“ на СДСМ, Кочан зачести во гостувањата на медиумите наклонети кон власта, промовирајќи ги не само економските политики на Владата, туку и ставовите на ВМРО-ДПМНЕ околу кризата.
„Македонија се развива економски, се заснова на конкурентна економија, на интегрирана економија, така што повеќе економски цели се достигнати. Убеден сум дека државата никогаш не била во подобра состојба од моменталната економска состојба и дека навистина се напредува во позитива“, изјави Кочан во интервју за еден интернет-портал во февруари 2015 година.
Но, работите драстично се сменија по објавувањето на обвинението од СЈО – Кочан избега од притвор, а во ССК деновиве избегнуваат каков било коментар околу нивниот некогашен заменик-претседател и неговата улога во политичко-деловните малверзации на власта во изминатите години. На веб-страницата на ССК го нема неговото име, а избришани се сите објавени вести поврзани со сопственикот на „Трансмет“.
Кочан бил главниот линк на власта за испумпување пари?
Во случајот „Труст“,Специјалното јавно обвинителство го гони Кочан за фалсификување документација за тендер на државната компанија ЕЛЕМ, во вредност од над 17 милиони евра, заедно со две други компании. Но, од извори во истрагата дознаваме дека Кочан сега би можел да се наметне како главен линк преку кој партијата ВМРО-ДПМНЕ криела и перела државни пари. На тоа сега е фокусирана истрагата на СЈО. Се проверува дали фирмите на Кочан, особено „Трансмет“, се користеле за извлекување државни пари. Сомнежите се дека парите од тендерите кои ги добивал „Трансмет“ се повлекувале од сметките на фирмите и завршувале кај поединци кои имале задача да ги складираат. Дали преку Кочан ќе се открие мрежата за криминално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, најбогатата политичка партија во Европа?
Деновиве неколку банки доставиле извештаи до СЈО за трансакции на фирмите на Кочан, кои за истрагата се сомнителни. Тој сè уште не бил на распит пред специјалните обвинители, но во некоја фаза од постапката ќе мора да се појави. Ако се открие дека преку фирмите на Кочан оделе парите за ВМРО-ДПМНЕ, тогаш како и каде продолжувале откако стигале кај партиски поединци?
СЈО одамна најави дека го проверува партискиот имот на ВМРО-ДПМНЕ, исто како и случајот со донаторите кои наводно уплатиле средства за партијата. Се работи за оние фиктивни донатори чии лични податоци ги користела партијата за да престави дека уплаќале донации, а голем дел од нив немале поим дека се донатори. Но, дали сега преку Кочан може да се стигне до донаторите? Ако ВМРО-ДПМНЕ имала неколкумина како Кочан преку кои испумпувала пари, тогаш таквите пари, милионски суми, морале некаде да завршат. СЈО проверува дали овие средства се инвестирале во недвижен имот, или како чисти пари, преку донации, се вбризгувале директно во партијата.
На пример, со куса потрага на интернет лесно се утврдува дека вилата „Софија“ во Охрид, според имотен лист е во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ, но со вилата управува правно лице. Адресата е Коста Абраш 64. Според закон, партиите имаат право да купуваат само деловен простор за свои потреби, што значи да го користат само за партиски цели. Има уште многу вакви примери – партијата, меѓу другото, во сопственост има и пасишта во Сарај.
Кога детално ќе се провери потеклото на имотот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде појасно дали парите испумпувани од фирмите, како тие на Кочан, завршувале во партиски имот, купен за профит, а не за партиско делување? А, потоа, дали тоа се истите пари кои преку лажни донатори самата партија си ги уплаќала на себе. Од истрагата дознаваме дека голем број од сведоците-донатори кревале раменици пред специјалните обвинители, тврдејќи дека не платиле за партијата и дека некој го злоупотребил нивното име. Ете зошто е важен Кочан за СЈО, особено неговите сомнителни трансакции- преку него може да се открие криминалниот врв на ВМРО ДПМНЕ и нивните црни пари. Тоа е доволно, од друга страна, партијата на Груевски да направи се, до последно да го заштити Кочан од СЈО.
Извор: Макфакс