Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, во вечерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека очекува во земјава да се одржат предвремени парламентарни избори, оценувајќи дека актуелната власт ќе се соочи со сериозни политички и економски предизвици.
Тој потсети на претходните изјави на премиерот Христијан Мицкоски, во кои, како што рече, било посочено дека изборите ќе се одржат во редовниот термин и дека нема да има предвремено гласање. Сепак, Филипче истакна дека е убеден оти политичката и економската ситуација ќе доведе до распишување предвремени избори.
Според него, состојбата со државниот буџет е сериозна, при што се бележи зголемен дефицит и притисок врз исплатата на плати и обврските кон фондовите. Филипче нагласи дека прашањето за обезбедување средства станува сè поактуелно.
Тој посочи и дека се земаат нови заеми со услови кои, според него, не се доволно транспарентни, што дополнително ја зголемува финансиската неизвесност во земјата.
Филипче предупреди дека незадоволството кај граѓаните ќе расте, особено во услови на економски притисок и најавени протести од синдикатите. Според него, Владата нема соодветен одговор на овие предизвици и ќе се соочи со зголемен јавен револт.
Во своето излагање, лидерот на СДСМ ја критикуваше работата на Владата, оценувајќи дека недостигаат капацитет, искуство и волја за подобрување на состојбите во државата.
