Филипче: Постојат сомнежи дека системот „Сејф сити“ штити луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, во гостувањето во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, посочи дека постојат сомнежи дека системот „Сејф сити“ штити луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во соопштението од СДСМ.

Филипче рече дека СДСМ го поддржува подобрувањето на безбедноста во сообраќајот, но дека остануваат отворени прашања околу контролата и управувањето со податоците што ги собира системот.

„Што се случува со податоците. Како да поддржиме закон во кој што никако не е регулирано што се случува со податоците кои што системот „Сејф сити“ ги собира. Ве снимаат сегаде низ градот, никој не знае каде се податоците, ниту кој ги контролира. Имаме сознанија дека има регистарски таблички на членови на ВМРО-ДПМНЕ кои што преку системот „Сејф сити“ се тргнати да не се регистрираат, да не ги казнуваат своите луѓе“, рече Филипче.

Тој додаде дека ваквите информации се сериозни и дека во наредниот период очекува да има дополнителни детали.

„Тоа се информациите кои што стигнуваат до нас и ќе видиме во следниот период какви се информации ќе доаѓаат“, рече Филипче.

Во интервјуто Филипче потенцираше дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не покажува волја за системски решенија кои се во интерес на граѓаните.

„Нема желба оваа влада да се направи нешто суштински што е во интерес на сите.Оваа влада е најлошата влада во историјата на државата, ниту имаат знаење, ниту капацитет, ниту искуство како се води државата, ниту имаат желба да направат нешто добро за граѓаните“, рече Филипче.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e