Од тендери за ископ на јаглен до тендeри за изградба на булевари, делници, чистење на канали, барокни фасади – компанијата „Трансмет“ чиј поранешен сопственик Сеад Кочан е првоосмничен во најновата истрага на Специјалното јавно обвинителство, важи за доминантна компанија во тендерските зделки со Владата на ВМРО ДПМНЕ. Од 2012 година досега оваа компанија има добиено близу 64 милиони евра од државни тендери.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, најкрупните тендери се со РЕК Битола, односно за четири години, „Трансмет“ на Кочан кеширала околу 55 милиони евра од два тендера со РЕК Битола.
Компанијата „Трансмет“ во 2012 година со државната ЕЛЕМ потпишала договор за ископ на јаглен и јаловина од свлечиштето на Микролокација 3 во Рудник „Суводол“, со дотур на дробен јаглен на транспортерот, во износ од 19,2 милиони евра и со траење од 36 месеци. ЕЛЕМ на овој тендер добил 6 понуди, а договорот го склучил со „Трансмет“. Оваа компанија за ископ на јаглен и јаловина од свлечиштето на Микролокација 3 во рудникот „Суводол“ потпишала договор и во 2013 година со вредност од 38,4 милиони евра. А токму во најновиот случај што го отвори СЈО под кодно име „Труст“, а кој се однесува на тендерот објавен од ЕЛЕМ во 2011 година прво осомничен е Кочан. Второ и трето осомничени се директорот на „Силекс неметали“, Василије Авировиќ и управителот на фирмата „ВАТО“ од Скопје, Сафет Ватиќ.
Сите тројца се товарат дека фалсификувале документи со кои добиле тендер од 17 милиони и 200 илјади евра од ЕЛЕМ за ископ на јаглен и јаловина од рудникот Суводол. Предмет на набавката била дробилица за ископ во јаловина во РЕК Битола.Овие три компании на тендерот настапиле како конзорциум, а главен носител била „Трансмет“. Тендерот бил распиошан на 7 октомври 2011 година, а биле наведени неколку услови кои фирмите што сакале да аплицираат за зделката требало да ги исполнуваат.Првосомничениот Кочан, како што посочија од СЈО како доказ за поседување на градежна механизација, кој бил еден од условите за учество во тендерската постапка, доставил лажни документи дека поседува повеќе градежни машини. Доставени биле невистинити договори за наводна купопродажба и фактури дека ја набавил механизација.
Целиот текст објавен на “Фактор” прочитајте го тука