Има разлика во заклучоците за Северна Македонија и за Албанија: одржувањето на првата меѓувладина конференција за земјава е безусловно и треба да се случи „што е можно поскоро“, а за соседите е условено со завршување серија домашни задачи
Министрите за европски прашања на земјите-членки на Европската Унија денеска точно на пладне имаат закажано видео-конференција на која се очекува да расправаат и да донесат одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и со Албанија.
Иако имаше дилеми од правен и организациски аспект за тоа дали Советот за општи работи (министрите за европски прашања) ќе може денеска да се состане, макар виртуелно, и да носи одлуки, сепак, според информациите што доаѓаат од европските главни градови, тоа во овој момент се чини за извесно.
Глобалните медиуми кои имале увид во нацрт-заклучоците што се очекува да ги усвои Советот за општи работи на ЕУ, јавуваат дека тие се различни за Северна Македонија и за Албанија.
За земјава, се носи одлука за отворање на пристапните преговори и се предвидува безусловно свикување на првата меѓувладина конференција „што е можно побрзо“ веднаш откако Советот ќе ја утврди преговарачката рамка што треба да ја предложи Европската комисија.
За Албанија, ќе има одлука за отворање на процесот, но закажувањето на првата меѓувладина конференција е условено со исполнува на серија задачи.
Овој пристап е компромисно решение со кое, од една страна, се задоволува инсистирањето на некои земји-членки да нема одвојување на Северна Македонија и Албанија, а од друга, им се излегува во пресрет и на ставовите на Холандија и Данска кои сметаа(т) дека Тирана се уште не е подготвена за суштинско отворање на процесот.