Помошник министерката за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР, Анета Станчевска, веднаш по насилните протести во Собрание заминала на боледување, објави НОВА. На местото на Станчевска министерот Агим Нухиу го назначил Дејан Андонов, и сега тој раководи со секторот кој ја испитува злоупотребата на професионалните стандарди на вработените во полиција.
Информацијата на НОВА ТВ ја потврдија од МВР од каде ни одговорија: „ Почнувајќи од 3 мај, д-р Анета Станчевска, помошник на министерот за внатрешна контрола и професионални стандарди,поради здравствени причини користи боледување“.
Анета Станчевска ја напушти функцијата во време кога овој Сектор ја испитува улогата на припадниците на полициските сили кои на „црниот четврток“ на 27. април ја злоупотребиле службената положба и постапиле спротивно на законот.
Ова не е прв пат Станчевска во најкритичните моменти во полицијата да замине на боледување. Истото го стори и за време на изборите лани во декември, кога на чело на МВР беше министерот од СДСМ, Оливер Спасовски. И тогаш на нејзино место беше поставен Андонов, а Станчевска четири месеци отсуствуваше од работа. Овој пат не е познато колку време ќе остане на боледување.
Анета Станчевска е помошник министер за внатрешна контрола и професионални стандарди од 2008 година. Нејзиниот глас се слушна во една од „бомбите“ што ги објави СДСМ поврзана со изборни измами и улогата на полицијата во изборите. Тогашната министерка, Гордана Јанкулоска, и шефот на кабинетот на екс премиерот Никола Груевски, Мартин Протуѓер, се договараат да земат неколкумина полицајци и во предизборието и на денот на изборите да бидат во Охрид. Протуѓер ја замолува Јанкулоска да „замижи“ дека вработени во МВР ќе ги носи во Охрид. Јанкулоска подоцна и нагласува на Станчевска, при постапување на Секторот за внатрешна контрола за овој случај со зборовите „нашите да бидат чисти“
Разговор меѓу Јанкулоска и Станчевска
ГЈ: За тој случајот што е у Охрид, што постапувате, гледајте нашиве да бидат ок, чисти таму.
А: Да, да, да. Да, да, нормално.
ГЈ: Добро, добро. Да не згреши некој таму, па после да ја оправаме.
А: Никако нема грешки, се знае, нашите мора да бидат чисти.