Tој е убавото лице на македонската култура, една прекрасна златна метонимија за сè најубаво што тече од македонскиот дух, од македонството и од сè што зрачи од нашата прекрасна земја, рече Кристина Николовска.
Голем број домашни автори и почитувачи на неговото дело присуствуваа денеска на собирот што се одржа во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ по повод дестгодишнината од смртта на великанот на нашето книжевно творештво – Петре М. Андреевски.
За творештвото на Андреевски зборуваше Кристина Николовска, која истакна дека на овој ден се слави делото на великанот на современата македонска литература, поезија, проза и драма.
– Нема ништо поприсутно од неговото отсуство, но и сеприсуство. Петре М. Андреевски е сеприсутен во нашата свест, во пораките кои истекуваат од неговиот скапоцен рудник и од неговиот извор, тој е убавото лице на македонската култура, една прекрасна златна метонимија за сè најубаво што тече од македонскиот дух, од македонството и од сè што зрачи од нашата прекрасна земја – рече Николовска.
Споменот на Петре М. Андреевски, посочи таа, се чествува со беседа која говори за неговото творештво, кое сака да навлезе длабоко во тајните, после 10 години од неговото заминување да се види кои се тие прекрасни тајни, рудници, извори кои живеат во секој Македонец.
– Нема човек што не знае реплика од Петре М. Андреевски, нема човек што не памети мудрост или не ги знае неговите ликови, романи или стих од прекрасната и бескрајно убава „Дениција“. Тој е симбол за златна метонимија, за македонската литература, еден од најголемите великани на нашата култура – додаде Николовска.
Андреевски е македонски поет, романсиер, раскажувач и драмски автор. Се вбројува во најдобрите, најчитаните и најпопуларните македонски писатели. Автор е на дваесетина бележити книги од сите жанрови и е преведен на повеќе јазици. Добитник е на најважните книжевни награди во Република Македонија. Почина на 25 септември 2006 година во Скопје.
За поврзани вести продолжете надолу