Aмбасадорот Џес Бејли пред заминувањето од Македонија прати една крупна порака – дека големата цел на Македонија, НАТО и ЕУ, се остварува. Во интервјуто за „Независен весник“ тој ги сподели размислувањата за тешките и убави моменти, за Преспанскиот договор, за статусот на нашите реформи, за Законот за јазиците и колку треба стрпливост за да почне тој да се применува на начин кој ќе ја зголеми меѓуетничката кохезија во земјата.
Дојдовте во Македонија во најтешкото време. Дали сте сигурни дека сега ја оставате земјата во безбедни раце и со посветла иднина?
-Да. Многу размислував за состојбата во изминатите четири години, за подемите и падовите, за височините и понорите, за моментите на храброст и на потажните чувства, вклучувајќи и очај, мислам дека кога ќе се повлечам на сето ова ќе гледам на овој начин: Околу политичката криза се враќам назад до втората недела на мај 2015 година кога имавте комбинација од бомби и случувања околу нив, и кога се случи инцидентот во Куманово. Луѓето беа навистина загрижени, а во медиумите имаше наслови како „2001-та се случува повторно“. Тоа беше момент кога на земјата и требаше да исчекори назад и да се обедини, но прашањето беше околу што?
Со амбасадорот Аиво Орав се запрашавме, што е тоа што може да ја обедини земјата и како да го помогнеме? Ги собравме политичките лидери и – што рекоа тие? Наспроти етничките и политички разлики, сите ние се согласуваме дека македонската иднина е во Европа и во трансатлантската заедница. И, она што го гледате сега, според мене, е дека таа иднината се остварува. Гледам решеност да се постигне тоа.Не беше лесно, не беше без контроверзи, но мислам дека се уште тоа е иднината што ги обединува прилично силно луѓето со различни политички определби, различни политички ставови, од различните етнички и религиски линии. Така што, јас навистина ја гледам земјата во таа позиција. И, среќен сум што придонесов нешто за тоа.
Македонците сакаат теории за заговор. Една од нив е дека Преспанскиот договор е резултат на притисоците од странство и е лош за земјата. Како ги гледате овие теории сега, кога договорот помина во двата парламента?
-Преспанскиот договор одразува неколку работи. Прво, тоа е широкиот консензус околу евроатлантската иднина на Македонија. Тоа е јасно. Второ, имајќи ги во предвид историјата и околностите од 1995 и од 2008 година, беше јасно дека ова прашање мора да се надмине. Она што се случи е дека видовме решеност од вашето лидерство и силен и храбар партнер во Грција за да се направи токму тоа – да се придвижат двете земји подалеку од овој спор и заедно да постигнат договор кој ќе обезбеди подобар регионален напредок, подобра регионална стабилност и ќе им помогне на двете земји на внатрешен план. Авторството за овој договор им припаѓа на луѓето кои го понудија,а тоа се премиерите на двете земји и нивните тимови. Кога можевме помагавме во тој процес, ние и другите пријатели, потсетувајќи ги лидерите на поентата и на влоговите од него, и охрабрувајќи ги да продолжат кон овој историски договор. Договор којшто не беше лесен, беше постигнат со тешки компромиси, но на крајот ги постигна целите. Мислам дека главната поента ќе дојде кога Македонија наскоро ќе го потпише Протоколот за прием во НАТО. Тоа е голем настан. И, мора да ги чувате овие големи моменти во умот. Лесно е да се заглавите во историјата и во тактиката. Но, кога треба да се носат одлуки за иднината, треба одредена храброст. Јас затоа им искажувам големо признание на премиерите на двете земји, а исто така и на Метју Нимиц кој неколку децении работеше на ова прашање, што пак потсетува дека светот беше ангажиран за да ги види двете земји, а особено вашата, како одат напред.
Целото интервју на следниот ЛИНК.
