ДВ: Остри критики од фондацијата на ЦДУ за „сестринската“ ВМРО-ДПМНЕ

Наместо да ја прифати волјата на мнозинството и да се насочи кон внатрепартиски реформи, ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја задржи разјадената власт, пишува во анализа за состојбата во Македонија, фондацијата Конрад Аденауер. – пишува Дојче веле.

Mazedonien Wahlen (DW/P. Stojanovski)

Фондацијата на германската владејачка конзервативна партија ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел упати остри критики за недемократско однесување кон ВМРО-ДПМНЕ. Во анализа објавена денеска на интернет-страницата на фондацијата „Конрад Аденауер“, сестринската партија од Македонија се критикува поради нејзиното одбивање да се реформира, дезавуирањето на државните институции, како и поради критиките кон странските амбасадори.

Во анализата под наслов „Народот одлучи“, се наведува дека изборите, иако биле досега најслободните и најдемократски, не донеле политичка стабилност. „Напротив, последните денови беа пример за недемократско однесување пар екселанс. Кризата во државата нема крај. Последиците би можеле да бидат и немири“, пишува авторот Јоханес Реј.

Тој натаму проценува дека доколку СДСМ успее да освои уште едно пратеничко место по прегласувањето во Теарце в недела, тоа би им ги зголемило шансите за создавање коалиција. Колку е реално СДСМ да освои 304 гласови во Теарце, не може никој да предвиди, но всушност тоа и не игра никаква улога:
„Партијата на долгогодишниот премиер Никола Груевски уште пред одлуката на Управниот суд најави дека нема да учествува во прегласувањето – грубо непочитување на изборното право“.

Внатрепартиски реформи

Последните денови беа пример за недемократско однесување пар екселанс, анализира Фондацијата.

Со меѓунасловот „Игнорирање на гласачката волја“, започнува и серијата критики кон ВМРО-ДПМНЕ.

„Со губењето на 19 пратенички места, гласачите ѝ испратија јасен сигнал за промени на владејачката коалиција, сигнал кој пред сѐ не се прифаќа од ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да се иницираат внатрепартиски реформи, се прави обид да се задржи еродираната власт. Со објавата на Прогласот и говорот на Груевски пред седиштето на ДИК минатата сабота се попречуваат ДИК и Управниот суд, нивните членови се дезавуираат, и се затвора вратата за меѓународната заедница.

Останува нејасно, зошто партискиот врв, без потреба, уште пред одлуката за жалбите на опозицијата, ѝ го соопшти ова на јавноста. Очигледно не постои никаква доверба во државните институции“.

Понатаму се критикува и создавањето „непријателски имиџ“ кон странците од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Легитимно е да се критикува политичката улога на некои амбасадори и не секогаш вештата посредничка улога на ЕУ. Но, да им се префрла на амбасадорите и странските претставници мешање во внатрешните работи и директно влијание врз работата на поединци во ДИК, е проѕирен маневар, за да се прикријат сопствените проблеми.

Заканата, преку нова финансиска регулатива да се потчинат невладините организации, нема да успее. Демократијата мора да поднесе и спротивно мислење“, се наведува во анализата.

Целиот текст може да го прочитате тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e