Не сум дел од терористичко здружение. Во Собранието на 27 април бев службено. Им помагав на повредени во тој настан и се повлеков кога ми завршија службените обврски од Агенцијата за разузнавање. Ја известив службата за се што видов во тој простор. Откако останаа само полицајци во тој простор, помагав во евакуацијата. Бев и во просторијата и ја известив службата за нападот на Зијадин Села. За ова има и видео докази, рече кусо во завршниот збор обвинетиот Мунир Пепиќ, обвинет за „крвавиот четврток“ во Собранието.
Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжува судењето за случувањата во Собранието на 27 април 2017 година.
После него завршен збор даде полицаецот Абдулфета Алими кој посочи дека се што сторил тој ден било законски и со одобрение од неговите шефови.
– Повеќе од тоа беше невозможно со оглед на бројот на лицата во толпата. Десната врата беше отворена кога му ги дадов клучевите на Горан Ѓошевски. Вистина е дека потоа тој ми ги врати клучевите, а не знаев зошто ми ги бара. И денес сметам дека тој не сакал да ја отвори вратата тој ден. Не знам ниту еден од обвинетите – рече Алими.
Обвинетиот Игор Дурловски во својот завршен збор, пак, рече дека на судот ќе му постави прашања кои биле важни при одлучувањето за пресудата.
– Ве замолувам да се запрашате кој е тој потпалувачки говор со кој сум повикувал на рушење на уставниот поредок. Тој ден пеев во Собрание, внатре, а потоа со син ми бев на ракометен натпревар. Ако е вистина тоа што вели ОЈО, тогаш осудете ме. Сведокот Курто Дудуш рече дека мислел оти ме видел, но не беше сигурен. Овде прв пат го видов. Врз основа на изјава на обвинет ОЈО ме терети дека сум правел нешто за интерес. Одвратно е тврдењето дека сум бил платен да протестирам. Дали за мене има еден доказ дека сум планирал да се случи 27 април? Нема такво нешто – изјави Дурловски.
Вчера завршни зборови дадоа дел од обвинетите. Процесот започна против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија, помилувани беа вкупно 15 лица.
Извор: Слободен Печат
