ДУИ се уште ја чека поканата на Груевски за почеток на преговорите

ДУИ се уште ја чека поканата на Груевски за почеток на преговорите за формирање на новата влада. Претставници на партијата на Али Ахмети сметаат дека средбите ќе стартуваат до крајот на неделата. Досега ВМРО-ДПМНЕ која го доби мандато за состав на влада се уште, официјално не поканила ниту една партија на преговори.

Од ДУИ објаснуваат дека Ахмети врши широки консултации, не само во партијата, туку и со меѓународната заедница. Повторуваат дека не се откажуваат од барањата за изедначување на албанскиот како втор јазик во државата и продолжување на мандатот на СЈО. Отсуството на формални преговори ги подгреа информациите дека можеби станува збор за уиграно сценарио меѓу Груевски и Ахмети. Но, официјално, двете партии ги демантираат овие шпекулации. Останува нејасно и како ќе се движи процесот ако Груевски не успее во законскиот рок да ги обезбеди потребните гласови во парламентот за новата влада и дали во такви услови Ѓорѓе Иванов ќе му го предаде мандатот на лидерот на СДСМ.

За крајот на неделата беше планирано во Скопје да допатува специјалниот пратеник на германското МНР Кристијан Хелбах кој требаше да се сретне со политичките лидери во чувствителен момент кога трае процесот на формирање нова влада. Посетата, како што денеска информираа од германската амбасада во Скопје се поместува поради непредвидлви причини, без да прецизираат кога Хелбах би дошол во Македонија.

Извор: Алсат-М

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e