ДУИ е против одложување на локалните избори

ДУИ и нејзините кадри кои се на чело на општините со албанско население не се заинтересирани за одложување на локалните избори. Потпретседателката на ДУИ, која е на чело на општина Тетово, Теута Арифи, изјави дека ДУИ бара да се почитува законскиот рок, за изборите да можат да се одржат во првата половина на мај, пренесува Алсат-М.

„На последното заседавање на Претседателството дискутиравме и на оваа тема и нашиот став е дека изборите треба да се одржат кон крајот на првата половина на мај бидејќи сметаме дека и онака имаме мало продолжување на мандатот на градоначалниците. Што се однесува на граѓаните и нивните интереси, општините се поврзани со многу практични прашања и добро би било овие изборни процеси да бидат завршени во одредените рокови.“ – изјави Теута Арифи, потпретседателка на ДУИ

На прашањето на телевизија Алсат – М дали евентуалното одложување на изборите би подразбирало продлабочување на кризата и опасност Албанците кои се на чело на општините да ја изгубат власта врз општините со кои управуваат, градоначалникот на општина Гостивар, Невзат Бејта, изјави дека тие се подготвени да ја почитуваат волјата на граѓаните.

„Ставот на ДУИ е дека треба да се почитува рокот за одржување на локалните избори бидејќи тоа е во корист на сите граѓани на локално ниво и ги вклучува сите општини на национално ниво. Ние си го сработивме своето и ја почитуваме демократијата и гласовите на граѓаните. Како и да гласаат, нека гласаат. Но, треба да се изберат луѓе во локалната власт кои ќе им служат ним.“ – изјави Невзат Бејта, потпретседател на ДУИ.

Последниот рок за распишување на локалните избори истекува денеска. Доколку изборите не се одржат во мај, градоначалниците на општините и општинските совети повеќе нема да имаат никакви надлежности.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e