До денес вкупно 632 македонски државјани побарале информации за евакуација од погодените региони на Блискиот Исток. Најголем интерес има од македонските државјани кои се наоѓаат во Абу Даби (вкупно околу 447). За нив, се финализираат техничките и логистички детали за да се вратат со чартер летови.
Во Израел, бројката на македонски државјани кои побарале помош останува непроменета. За дел од нив, односно шест лица, евакуацијата е завршена затоа што одлучиле на сопствен трошок со комерцијални летови да се вратат во Скопје, а останатите шест лица во текот на денот се очекува да бидат транспортирани по копнен пат од Израел до Египет, а утре со владиниот авион да бидат вратени дома.
– Тие ќе бидат сместени на безбедна локација, во хотел на товар на државата, а се очекува во текот на утрешниот ден со владиниот авион безбедно да полетаат кон Скопје, информира Министерството за надворешни работи.
Во Доха, бројката на македонски граѓани кои побарале помош е 136. Истовремено, нашите ДКП-а прават и посебен план за евакуација на граѓаните кои се во Бахраин и Кувајт.
Од Министерството апелираат до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените региони (Обединетите Арапаски Емирати, Катар, Бахреин и Кувајт), доколку сè уште не го сториле тоа, веднаш да контактираат со надлежното дипломатско-конзуларно претставништво или со СОС бројот на Министерството.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува во постојан контакт и целосно на располагање на македонските граѓани, како и во редовна координација со надлежните локални власти, со цел безбедно и навремено спроведување на евакуацијата, се наведува во денешното соопштение.
