Директорот на ЈП Службен весник Мартин Костовски во изјава за Лидер вели дека не се чувствува одговорен што се објави Законот за употреба на јазиците во Службен весник, кој не беше потпишан од претседателот Ѓорѓе Иванов, туку доцна синоќа го потпиша претседателот на Собранието Талат Џафери.
Иванов го прекрши Уставот со непотпишувањето, а не јас. Токму затоа не чувствувам никаква одговорност. Ние со фуснота дополнивме зошто законот беше објавен со потипис од Талат Џафери – рекол Костовски кој најавил дека наскоро ќе има соопштение од Службен весник.
За објавувањето реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Го предупредуваме директорот на Службен весник, Мартин Костовски, дека објавувањето на законот за јазици во Службен весник е кривично дело кое не застарува и за кое се лежи казна затвор и ја носи директно директорот на Службен весник, а потоа и сите инволвирани. Сите инволвирани ќе сносат одговорност за насилното кршење на законите, процедурите и уставноста при носење на истите закони, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуката на претседателот на Собранието, Талат Џафери да го потпише Законот за употреба на јазиците и да го испрати до Службен весник – реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
