Македонската дијаспора лани испратила во земјава 310 милиони евра, што претставува околу 2 проценти од бруто-домашниот производ. Иако е остварен суфицит кај личните трансфери, во апсолутни износи се забележува намалување на приливите во последните години. Така, во 2023 година биле испратени 319 милиони евра, а во 2022 година 331 милион евра.
Според податоците за земјите од регионот, најголем износ на лични дотации лани пристигнал во Србија, каде дијаспората испратила 4,47 милијарди евра. Следуваат Босна и Херцеговина со 1,99 милијарди евра, Косово со 1,32 милијарди, Албанија со 1,28 милијарди евра и Црна Гора со 345 милиони евра.
Во 2024 година, суфицит кај личните трансфери бележат девет земји членки на Европската унија. Меѓу нив се Хрватска, каде личните трансфери изнесуваат 2,6 проценти од БДП, Бугарија со 1,3 проценти и Португалија со 1,2 проценти од БДП. Од друга страна, најголеми дефицити се евидентирани во Малта со минус 2,8 проценти од БДП, Кипар со минус 0,9 проценти, Белгија со минус 0,6 проценти, како и во Грција, Шпанија и Франција, каде дефицитот изнесува по минус 0,5 проценти од БДП, покажуваат податоците на Евростат.
Личните трансфери испратени од жители на Европската унија кон лица кои не се жители на ЕУ лани достигнале 52,1 милијарда евра, што претставува зголемување од 6 проценти во споредба со 2023 година, кога изнесувале 49,2 милијарди евра. Во исто време, приливот на лични трансфери кон домаќинствата во ЕУ изнесувал вкупно 14,8 милијарди евра, што е раст од 7 проценти на годишно ниво.
Во последните пет години е евидентиран значителен пораст на одливот на лични трансфери од Европската унија. Одливот е зголемен за 51 процент, додека приливот растел со побавно темпо, односно за 26 проценти. Како резултат на овие движења, негативното салдо на ЕУ во однос на земјите надвор од Унијата се проширило и во 2024 година достигнало 37,3 милијарди евра.
