Cо денешниот настан во Скопје по повод Светскиот ден на храната, Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и парнерите повикаа на забрзана акција за искоренување на гладот и другите форми на неухранетост и за обезбедување на здрава и одржлива исхрана достапна за секого.
Под мотото “Нашите дејства се наша иднина! ЗДРАВА ИСХРАНА за #СветбезГлад”, ФАО заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ООУ “Крсте Мисирков” – Гази Баба и граѓанската организација “Слоу Фуд Водно” и оваа година акцентот го ставија на подигнување на јавната свест за важноста на одржливото производство на храна и здравата исхрана за остварување на глобалната цел “Нула Глад”.
Во своето обраќање на настанот, резидентниот координатор на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, истакна дека постигнувањето на Свет без Глад не се однесува само на прехранување на гладните. Станува збор и за здравата исхрана на луѓето, која вклучува доволно разновидна, безбедна и храна со доволно хранливи материи – истовремено одржувајќи го здравјето на планетата од која сите зависиме. Таа истакна дека треба да го промениме фокусот од производство на повеќе храна – во производство на поздрава храна.
Според Дуџак, мора да се воспостават политики и регулативи за овозможување достапност на здрава храна за секого. Таа додаде дека потребно е и воведување и проширување на едукацијата за храна и здрава исхрана таму каде што е применливо. “Сите можеме да ги поддржиме локалните производители на храна, да започнеме здрав режим на исхрана, да го намалиме отпадот од храна, и да бидеме посвесни за животната средина” додаде Дуџак.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски истакна дека нашата држава се обврза дека ќе работи посветено заедно со сите земји членки на Обединетите нации на постигнување на Целта за одржлив развој “Нула Глад”, но за тоа е потребно дејствување и посветеност на сите сектори, професии, поединци. Тој додаде дека климатските промени се закануваат да ги намалат и квалитетот и квантитетот на земјоделските култури, намалувајќи ги со тоа и приносите и затоа од клучна важност е примената на паметни решенијата за производство на разновидна и квалитетна храна за да се заштити биодиверзитетот и природните ресурси, како и да се зголеми отпорноста на земјоделското производство кон климатските промени.
Овогодинешниот Светски ден на храната во Скопје повторно се фокусираше на младите, истакнувајќи ја важноста на училишните градини како моќна алатка за подобрување на квалитетот на исхраната и образованието на децата, нивните семејства и заедниците. Основното училиште „Крсте Мисирков“ во Скопје е одличен пример за воведување на практична едукација за животна средина и здрава исхрана во редовната училишна програма, преку сопствената училишна градина за одгледување овошје и зеленчук.
Како што истакна резидентниот координатор на ОН Росана Дуџак, училишните градини се одличен начин децата да учат за здравата исхрана и да направат врска помеѓу одгледувањето храна и правилната исхрана, како и да развијат животни вештини и да ја зголемат свеста за грижа кон животната средина.
Настанот го одбележаа бројни активности, вклучително предавање на тема “Здрава исхрана – време е за промени”, од страна на Драган Јованов, експерт по фитомедицина и агроекологија, изложба на здрави оброци подготвени од учениците на ООУ “Крсте Мисирков”, цртање цртежи за учество на глобалниот конкурс на ФАО за Светскиот ден на храната World Food Day 2019 Poster Contest, како и кулинарска работилница на која учениците и готвачите од Слоу Фуд Водно подготвија здрави оброци со производи од градината.
Според најновиот извештај на ОН за состојбата со исхраната и достапноста на храна на светско ниво (The State of Food Security and Nutrition in the World 2019), бројот на неухранети луѓе во светот е во пораст. Повеќе од 820 милиони луѓе немаат доволно за јадење, но во исто време прекумерната телесна тежина и дебелината продолжуваат да се зголемуваат во сите региони – особено кај децата на училишна возраст и возрасните. Од фарма до чинија, нашите прехранбени системи во моментов фаворизираат засилено производство на храна, и земјоделски практики кои имаат негативно влијание врз природните ресурси и биолошката разновидност Постои итна потреба овие трендови да се променат за да постигнување на Нула Глад и подобра исхрана до 2030 година.