Дечев: Навестувањата од ДПМНЕ за наводна федерација со Србија се краjно неадекватни

Бугарскиот професор и историчар Стефан Дечев во интервју за ИПортал вели дека одбива да верува дека постои можност опозицијата во земјава да стигнала дотаму да таа е „заслужна“ за недобивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ. Според него, друга алтернатива не постои, а најдобро би било „историската грешка“ како што ја нарекоа повеќето европски политичари да се корегира уште пред пролетта 2020-та година.
Дечев не е многу голем оптимист за брзо и ефикасно решавање на спорните прашања во заедничката Бугарско-македонска комисија за историски и образовани прашања формирана согласно Договорот за доброседство.
Бевте дел од мирниот протест на бугарските интелектуалци пред Француската амбасада во Софија поради позицијата на францускиот претседател Емануел Макрон во однос на доделувањето датум за почеток на преговорите со Скопје. Какво е вашето мислење зошто Скопје не доби датум, туку само блокада од Макрон?
-Причините, се разбира, би можеле да бидат многу. Од една страна, може да станува збор само за неискреност на досегашната позиција за Западен Балкан, за евентуален почеток на преговори со Македонија и Албанија. Од друга страна, можни домашни политички превирања во самата Франција и трето, потребата за реформа на самата Унија и несогласувањата на Макрон со другите членки, пред се со Германија. Улога може да играат и вестите за корупција и прашањата за владеењето на правото на Балканот, а особено во С.Македонија. А, можеби од сите овие прични по малку заедно е причината за одлука од Самитот.
Како и да е, најлошото сценарио е намерата за и играта во корист на некое старо француско-српско пријателство насочено против Македонија и Албанија со цел да се одложи нивното членство со оглед на идните разговори на Србија со ЕУ.
Сепак, неодамнешниот говор на Макрон на српски јазик во Белград и култот на старото пријателство, пред поранешниот министер за информации на Слободан Милошевиќ, актуелниот Александар Вучиќ, потоа пред екс портпаролот на Милошевиќ, кој сега е министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, пред вицепремиерот на Милошевиќ, Маја Гојковиќ, која е спикер на парламентот, неможе да бидат и не се вознемирувачки. Сметам дека е нормално и двете страни да ја слават својата заедничка борба против странската окупација, но за територијата на денешна Република Северна Македонија, ова пријателство би значело и нејзина трансформација во Јужна Србија и дедовците на денешните Македонци во „јужни Срби“. И наспроти позадината на овој флерт со еден водечки политичар на мета на Владимир Путин и Русија, „не“ на Макрон за водечката европска политика на Македонија во последно време не може да предизвика длабоко разочарување и вознемиреност.
Како треба да продолжи Скопје во иднина? Има ли простор за евроскептицизам?
Политиката што ја водат премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров од 2017-та навака мора да продолжи стабилно. Не мислам дека има алтернатива. Оваа политика има освоено многу пријатели во Македонија. Во пракса, конкретно во врска со вашата земја само претседателот Макрон се појави како пречка за преговорите и генерално во ЕУ се верува  дека станува збор за „историска грешка“ што мора да се реши колку е можно побрзо, дури да се корегира пред пролетта 2020-та година. Реваншизмот кон договорите со Бугарија и Грција е осуден на неуспех во иднина.
Дали сметате дека опозицијата е виновна за недобивањето датум за почеток на преговорите, како што нагласи бугарскиот премиер Бојко Борисов?

Влегуваме во простор каде немаме доволно информации. Искрено, не сакам да мислам дека вашата опозиција стигна дотаму. Но, навестувањата од пред некој ден на личности од раководството на ДПМНЕ за нова федерација со Србија и активирање на вториот дел од референдумот во 1991-ва година со оглед на нова Југославија се крајно неодговорни и ја туркаат својата земја кон дното. Политички многу неадекватно.

Дали сметате дека заедничката Бугарско-македонска комисија за историски и образовани прашања формирана согласно Договорот за доброседство ќе постигне компромис за важните спорни прашања?

Мислам дека ќе биде многу тешко. Уште во потпишувањето на договорот на 1 август 2017 година, внимавав на чл. 8, параграф 2 и 3, иако го вклучиле во последниот текст. Не сум сигурен дали политичарите и дипломатите од обете страни имаат јасна свест дека и на двете места малкумина се подготвени да се справат со минатото и „историските настани“ „стручно“ и „ објективно, а камоли да се направи „научно толкување“ на изворите, како што се наведува во договорот.

Ваквиот пристап би бил крајно непопуларен и во обете држави, кои имаат фундаментално збунети национални наративи, со, благо речено, проблематични (да не кажам лажни) точки со кои тие се најприсутни во медиумите и уживаат релативно широко јавно одобрување. Се разбира, знам вкупно по 5-6 макеоднски и бугарски историчари  кои би можеле да ги решат спорните прашања за шест месеци, но не сум сигурен дека бугарското и македонското општество, или мнозинството бугарски и македонски политичари, ќе бидат подготвени да го слушнат што историчарите ќе го соопштат. Ова исто така може да биде проблем за нивните колеги историчари и во Бугарија и во Македонија. Работите што тие ги напишале досега може да бидат веднаш непотребни. И, она што историчарите од обете држави треба да го кажат за двете општества е нешто што, вашиот прв министер за надворешни работи од независноста, Денко Малески неодамна го рече – дека мора да се роди заедничка европска вистина за двете претходни приказни, бугарската и македонската. За мене тоа не е невозможно, но нова генерација историчари треба да зборува на двете места, како и широко да се отвори дебатата во бугарскиот и македонскиот медиумски простор за појава на алтернативни перспективи, кои можеби на почетокот нема да се популарни, некои во Софија, други во Скопје, но двете општества мора да започнат да се навикнуваат на нив.

Х.С.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e