Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ синоќа обвини дека неколкумина припадници на Шарената револуција организирале демонстрации против претседателот на Србија, Александар Вучиќ во Белград.
„Кога граѓаните на Македонија организираа протести против Вучиќ, Србија не реагираше никако. Чекајте да ви го прочитам ова. Веско Чачановски, Павле Богоевски, Бранимир Јовановиќ, Замир Мехмеди, сите од Скопје. Тие учествуваа во сите демонстрации и ја помагаа организацијата на протестите против Вучиќ“, изјави Дачиќ, пренесе РТС.
Министерот за надворешни работи на Србија ова го изјави после интересот на јавноста за присуството на припадник на српската БИА и советник во амбасадата на Србија во Македонија Горан Живаљевиќ во Собранието на Република Македонија за време на настаните од 27-ми април.
МНР на Македонија ја повика на разговор амбасадорката на Србија Душанка Дивјак-Томиќ за да го објасни присуството на Зиваљевиќ во Собранието. Според Дачиќ, нивниот службеник не направил ништо што ја нарушува Виенската конвенција или дипломатскиот протокол, туку бил во Собранието за да идентификува дали граѓани на Србија учествуваат во настаните, за да ги информира и српските власти но и македонските безбедносни агенции доколку би побарале таква информација.
На ова реагираа дел од споменатите.
„Каков почеток на денот! Стануваш од спиење, се читаш на насловната на Курир! Па уште Дачиќ те зборел! Па уште си организирал протести против Вучиќ! Фала ви дечки, сега дождов полесно ќе го преживеам“, напиша Бранимир Јовановиќ на својот Фејсбук профил.
Се огласи и поранешната пратеничка од ДУИ, Ермира Мехмети, сестра на Замир Мехмети, споменат од страна на Дачиќ.
„Замир, Ермира… Ермира, Замир… Замир, Замир, Замир… Ермира, Ермира, Ермира… Зам… Ерм… приказната продолжува… заговорот расте… а злобните умови кои го држат Балканот во заложништво не престануваат со клевети…
Всушност, дека сме јаки, дека се бориме против диктатури, дека се противиме на авторитарни политичари немам дилема… но дека сме биле вклучени и во уривањето на Вучиќ, тоа единствено ни прави чест како семејство.
Доле диктатори, доле диктатури“, напиша Ермира Мехмети.