Болницата „8 септември“ пред колапс?

Одделенијата за пулмологија со ендокринологија и општа и ургентна хирургија во болницата „8-ми септември“ од денеска и официјално под клуч.
Дел од пациентите биле отпуштени од лекување, додека пак дел биле преместени на други одделенија откако болницата одлучи да го намали обемот на работа и приемот на пациенти, поради недостаток на персонал. Граѓаните го забележале намалениот капацитет во болницата и велат дека се загрижени за состојбата и нивното лекување во следниот период.
И денеска редици пациенти чекаа прием во болничкиот двор, но веднаш откако обезбедувањето ја забележа екипата на Телевизија 24, ја отклучи вратата и ги повика пациентите да влезат внатре.
Според извори на телевизија 24, претходно биле затворени четири од вкупно седум операциони сали, а во петокот, настал вистински метеж низ болничките ходници, кога биле преместувани кревети помеѓу различни одделенија. Во меѓувреме директорот е на пат и за сега нема официјален став за случувањата.
Во услови кога состојбата во болницата „8-ми септември“ е безмалку хаотична поради недостаток на 180 медицински лица, директорот Стојчев е на приватно патување до 10-ти април. Неговиот заменик, пак тврди дека се функционира нормално како и до сега.
Во телефонски разговор за телевизија 24, заменик директорот Зоран Стојановски, вели дека пациенти се примаат во сите одделенија, но во помал број.
„Ние во никој случај не ги враќаме итните случаи. Се функционира како и до сега, меѓутоа моравме да ги пуштиме лекарите на годишен одмор, кој им е загаранитран со закон. Проблемот е што ни недостасуваат 180 лица за да работиме со полн капацитет, но немаме одобрување од Министерството за здравство за прием на персонал“ – ни изјави Стојановски.
Министерството за здравство веќе четврти ден не ги коментира случувањата. Неофицијално велат декаа во услови кога земјава функционира со техничка Влада, немаат согласност од Антикорупциската комисија за да одобрат прием на нов кадар во болницата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e