Бизнисжени

Ми остана јанѕа: што сакаше да (ни) каже госпожана која глуми претседателка на Сојузот на стопанските комори кога вели дека „стопанството во овој момент е на машини за реанимација и тешко ќе може да издржи уште долго, освен ако не се најде заедничко решение или начин за функционирање на институциите“? И дека „Буквално, не можеме да предвидиме уште колку време ќе може да се опстои под овие услови како сегашните.

Ситуацијата е многу деликатна. Наместо да се сконцентираме на тоа да работиме и да го развиваме приватниот сектор кој е генератор на економскиот раст и оној што треба да ги креира политиките, да работи на зголемување на вработувањето. Но, ништо од тоа не е возможно“? Ние неупатените во нивните бизнис тајни можеме секако да ги толкуваме нејзините зборови, а највеќе како сува констатација без дијагноза, како проста состојба без терапија или – како приказна за мали деца. А сепак не сме толку мали, имаме барем десет години, некои и повеќе.

Зашто, кога првиот бизнисмен тоест бизнисжена во државава, а таа го глуми токму тоа, вели дека „стопанството во овој момент е на машини за реанимација и тешко ќе може да издржи уште долго“, таквата бомбастична изјава не само што е шок за нас кои живее(в)ме на крилјата на нашата полетна економија, туку е и запрепастувачки факт од кој што тешко ќе се опоравуваме. Како тоа, одеднаш – трас: реанимација? Та нели, прво, сите здушно се надевавме дека како втора економија во светот за нас (ќе) нема зима дури и ако температурата се спушта и под триесеттиот степен. Во минус, се разбира. И зошто госпожава не се (по)јави тогаш да демантира, туку не’ остави да живееме во илузии? И второ, што е тоа што се смени за помалку од половина година та нашата цврста како мермер економија да спадне на машини за реанимација? (Освен, ако тој мермер не е од оној кој само личи на мермер ама не е мермер?).

Впрочем, владата е иста, коалицијата е иста, милјето е непроменето, атмосферата е победничка …? Или овде некој – лаже(л), цела деценија? Односно, се надоврзувам на нејзините зборови дека „не можеме да предвидиме уште колку време ќе може да се опстои под овие услови како сегашните“. Кои се имено тие нови услови („како сегашниве“) кога Владата не’ убедува дека се’ функционира нормално, дека министрите се на нивните вообичаени места – ене Елизабет одлета дури до Берлин на премиерата на новиот македонски филм – и продолжуваат со работа 24/7? Ене и психоТодорОФ вообичаено смислува нови и нови начини како да ги доизмалтретира лекарите! Што е тоа што така драстично се сменило па нашиве бизнисмени и бизнисжени не можат да си ја извршуваат секојдневната задача која што се викала „генератор на економскиот раст“? А министерот за финансии вели дека државата нема никакви обврски кон стопанството?

Што е право, не сум економист и можеби не ги разбирам економските процеси доволно за да извлекувам л(ог)ични заклучоци. Ама за тоа се тука таквите госпожи бизнисжени да ни ги објаснат нештата нам неуките. А тие, одеднаш – бум: реанимација! Па извинете, ама кога започна таа кризна состојба кај болниот, која терапија беше применувана кога беше откриена болеста, какви беа симптомите и предвидувањата и кои служби беа алармирани …? Или сака госпожава да не’ убеди дека ова е срцев или мозочен удар, „с неба па у ребра“, кај целосно здрав и прав организам? И немаше никакви симптоми, никакви показатели за можниот развој на ситуацијата? Неверојатно! А ваму делат признанија за животно дело. Кому, и за што? За целосно успропастен, девастиран град како главна активност и заслуга на славеникот? Кој дури и самоуверено продолжува со тие негови дејанија.

Ама бизнисжената ни сега не кажува кои мерки ги превземаат или ќе ги превземат, туку само го притиска црвеното алармно копче ноншалантно велејќи дека пациентот е на реанимација. И што сега ние да правиме? Да дојдеме со антибиотик, со некои вакцини, со што …? Кое е тоа фамозно „заедничко решение“ што не ни го кажува претседателката, ама го знае, очигледно е тоа? Е па што им треба за да му вдахнат нов живот на ненадејно колабираниот? Нови тендери, колку, за кого, со кого …? Зарем не беше тоа рецептот, зарем не беше таа терапијата што ја применуваа цела деценија и се смееја и се сликаа, сите среќни и задоволни. И а малку секне чешмичето, веднаш – узбуна, брза помош, реанимација? Па каде отидоа, во кои џебови и банки, тие силни инвестиции, иновации, развојни програми, па и провизии? Ништо ли не остана?

И, повторно, иако не сум економист, ама: зарем за да се произведе една ролна тоалетна хартија треба специјални политички услови; или за да се изведат овците на паша задолжително е да се има некаква посебна политичка палтформа …? И зошто, на пример, постојано се бунат тоа коморите, а не се буни културата, образованието, здравството …? Та само тие ли работат во државава, дури и во криза, а бизнисмените и бизнисжените не можат? Културата, на пример, работи дури и без министерка. Одамна, уште од крајот на декември, па никој не стана да се пожали на ситуацијата, на кризата (која криза?). Дури и не знаеме дали Елизабет е вратена од Берлин или ќе продолжи на некоја друга дестинација, на некоја нова премиера, ама ете, културата си тера по зацртаните патеки. И ниже успеси, а на ова бизнисжениве се’ нешто им фали. И зошто Елизабет не ја кандидираат за претседателка на тоа коморите, па да им покаже како се води бизнис?

А на крај, објективно се сомневам дека онаа бизнисженана имаше дозвола од криминалнана врхушка – која што, патем, беше вистинскиот претседател на тој ССК – за вакви потресителни упади во нашата здрава економија! Се слушнала ли таа, се видела ли, воопшто, со Шефот?

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e