Битиќи: Нема да има недостиг на енергенси, но ценовниот удар е неизбежен

Екс-вицепремиерот за економски прашања и актуелен пратеник во Собранието Фатмир Битиќи во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk направи споредба меѓу Руската инвазија на Украина и актуелниот конфликт на Блискиот Исток, предупредувајќи дека иако нема да има физички недостиг на енергенси, ценовниот шок веќе е реалност.

Според него, само неколку дена по почетокот на кризата во регионот, цените на енергенсите на светските берзи нагло скокнале, што може да предизвика нов инфлаторен притисок и врз македонската економија.

„Цената на гасот според ТТФ берзата, која ние ја користиме, во петокот беше околу 32 евра. Денеска веќе е околу 65 евра, што е речиси двојно зголемување. Слична е состојбата и со нафтата, која од 63 долари по барел се приближува до 80, а проекциите велат дека може да достигне и до 120 долари“, истакна Битиќи.

Тој посочи дека иако Иран е под санкции за легален извоз на енергенси, клучната точка за глобалната енергетска стабилност е Ормуски Теснец, низ кој минуваат околу 20 проценти од светските потреби за нафта и гас.

Според Битиќи, главната опасност за македонската економија не е недостиг на горива, туку растот на цените што доаѓа од меѓународните пазари.

„Овде ја гледам споредбата со почетокот на кризата во Украина. Станува збор за увезена инфлација која доаѓа од зголемените цени на енергенсите. Народна банка на Република Северна Македонија веќе треба да излезе со анализи за тоа како овие промени ќе се одразат врз домашната инфлација“, вели тој.

Дополнително, Битиќи предупреди дека можни се и нарушувања на глобалните ланци на снабдување. Според него, најголемите корисници на енергенси што минуваат низ Ормускиот Теснец се Кина, Јапонија и Индија.

Доколку овие економии се соочат со енергетски проблеми, тоа може да предизвика домино ефект врз европските пазари и дополнително да ја усложни економската состојба во регионот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e