Билт дојде со црни прогнози, во Собранието нов обид за разврска на кризата

Продолжението на конститутивната седница на Собранието е закажано за денеска во 11 часот. Според партиските соопштенија, од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ  нема отстапување од рововските позиции на партиите.

Ново е само што денеска во Скопје ненајавено е и поранешниот шеф на шведската дипломатија, Карл Билт, кој на својот твитер-профил, исто така, напиша: „Нема изгледи за крај на уставната криза во Скопје. Разликите во ставовите помеѓу политичките партии се сè подлабоки. Ситуацијата е мошне сериозна.“

Официјално не е соопштено во каква мисија доаѓа Билт, дали станува збор за посредничка или, што е поверојатно, само за „извидничка“ улога.

Билт ќе се сретне со лидерите на политичките партии, а во агендата на претседателот Ѓорге Иванов не е предвидена средба со поранешниот шеф на шведската дипломатија.

Иванов, претходно во интервју за австрискиот „Винер цајтунг“, го повтори својот став дека нема да го додели мандатот и да се избере претседател на Собранието.

„Формирање влада без оправдан мандат е правно неиздржано“, изјави Иванов.

Пред денешната седница, СДСМ напиша дека „Трајко Вељаноски и Ѓорге Иванов не смеат противуставно и противзаконски да ги блокираат демократските процеси. Тие се должни, во согласност со Уставот и со законите, да овозможат мирен трансфер на власта“.

„Прво, парламентарно мнозинство веќе постои и тоа никој не го бара од него. А, и дали некои од опозициските пратеници на ВМРО-ДПМНЕ ќе најдат здрав разум и ќе ги поддржат реформите по формирањето на новата реформска влада, исто така не зависи од Груевски“, велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера порачаа дека „Македонија е заглавена во криза затоа што СДС сака да ја измами изборната волја на граѓаните и да го занемари гласот на мнозинството граѓани кои гласаа за ВМРО-ДПМНЕ“.

Од партијата го повторија ставот дека нови парламентарни избори заедно со локалните се најефективното решение за излез од кризата.

Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e