Бев еден од сведоците на полицискиот трилер во петокот вечерта во едно од познатите скопски кафулиња…

Бев еден од многубројните непосредни сведоци на полицискиот трилер што се случи во петокот вечерта околу 20.40 часот, во едно од познатите и елитни скопски кафулиња. Загледани кој во телевизорите, кој во картите, следејќи фудбал или адути, кога наеднаш покрај прозорците на нашата кафеана почна да се одвива филм во живо, многу повозбудлив од картите и фудбалот.

Покрај нас, на само два-три метри претрча првиот бран од десетина специјалци со качулки на главите и автомати во рацете. Исто како во холивудските филмови, додека изненадени се прашувавме што се случува, налетаа уште десетина и зад нив уште десетина нинџи… За малку можевме да станеме колатерална штета поради неколку љубопитни момчиња, кои сакаа да излезат и да видат што се случува надвор иако од широките прозорци добар дел од акцијата можеше да се следи како на големите телевизори. Само што ја покажаа главата одекна силна заповед – Назад!!!! Влегувај внатре!!! – Полиција!!!!

Викотниците и трчањето натака-навака на педесетина маскирани полицајци низ паркингот и покрај соседните кафеани и ресторани, пристигнувањето на полициските возила со цивилни регистарски таблички, полицискиот час со забрана на движење, навести дека станува збор за крупна акција на специјалните единици.

Некој од присутните рече ова не се алфи, туку антитерористички командоси, друг рече дека станува збор за лов на наркодилери, некој дофрли дека е ноќна вежба… лицитацијата траеше се’ додека пред соседното кафуле не изнесоа некој тип со лисици на рацете и не го легнаа среде паркингот. Драмата траеше уште еден цел саат и пол додека „форензичарите“ ги пребаруваа кафулето и неговата околина, а типот лежеше на асфалтот, веројатно, за да ги најдат доказите.

Утредента разбрав дека,сепак, не била антитерористичка акција, немало подметната бомба, ниту пластичен експлозив, туку полициска парада вообичаена кога вниманието на јавноста треба да се сврти на друга страна од нешто многу покрупно што и’ пречи на власта. На ден задушница беше организиран лов на наркодилери на повеќе локации во Скопје, а главниот мотив за спектакуларната акција е веќе добро испробан метод на напади врз Зоран Заев, лидерот на опозицијата, бидејќи замислете еден од уапсените му бил брат на поранешен пратеник на СДСМ, кој, пак, бил близок со Заев. А, кој се’ друг бил уапсен и приведен на различни локации и кој чиј брат, татко, братучед или кум бил, тоа воопшто не е возбудлива вест, веројатно затоа и не е објавено ништо друго во медиумите што први дознаваат вакви ексклузивни вести за роднински, партнерски и партиски односи.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Утрински Весник на следниот линк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e