Собранието на Македонија денеска во рамки на 124. седница на предлог на премиерот за спроведување на предвремените парламентарни избори Емил Димитриев, за министер без ресор го избра Бејџан Иљас. Претходно пратениците од оваа функција го разрешија Фуркан Чако.
Премиерот Димитриев образложи дека Демократската партија на Турците во Македонија до него доставила допис со барање за замена на министерот без ресор со нов со образложение дека со него ќе има поефикасно функционирање на овој ресор кој главно работел на соработката со Турција.
Иљас, по професија е лекар специјалист вработен во Клиничката болница во Тетово, советник во Општина Теарце и заменик претседател на Демократската партија на Турците.
Претходно координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески бараше тргање од дневен ред одлуките на Комисијата за избори и именувања и за избор на заменици на народниот правобранител, како и за ратификација на договорите за основање на Фонд за Западен Балкан и на Регионална канцеларија за младинска соработка.
Обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ сакаат да си вдомат свои партиски кадри и оти вчера владејачките партии покажале дека бегаат од избори, неприфаќајќи го предлогот на опозицијата.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски рече дека веднаш по гласањето за Буџетот за 2017 година, пратениците од коалицијата „За подобра Македонија“ ќе гласаат за избори. – Од понеделник ќе се тргне на избори и вие ќе си ја добиете лекцијата, рече Димовски.
За поврзани вести продолжете надолу