Ако Основниот суд Скопје 1 на обвинето или осудено лице кое поднело барање за амнестија му одговори веднаш, тоа значи дека не ги исполнува законските услови, не му е одобрено барањето и се враќа во судскиот процес за организираниот напад на Собранието на 27 април 2017 година. Ако не му одговори веднаш на барателот, тоа значи дека обвинителството за организиран криминал и судот ќе ги разгледуваат доказите, ќе се консултираат и во рок од законските 5 дена ќе донесат одлука, објаснуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Републичкото обвинителство.
Од Обвинителството велат дека од досегашните изведени докази, уделот на дел од 33-цата обвинети кои не може да бидат во никој случај амнестирани, е очигледен, јасен и виден на снимките што ги виде целата јавност, но и преку огромниот корпус на материјалните докази презентиран на судењето. Но, има спорни лица со скриен идентитет, кои досега ги немаше на снимките дека прават некакво кривично дело, а не беа ни спомнати во исказите на бројните сведоци кои со месеци даваа повеќечасовни сведочења за настанот.
„Затоа на некои барања кои никако нема да можат да подлегнат под законот за амнестија ќе се одговори веднаш, за други можеби одлуките ќе треба да преноќат пред да се донесат“, велат обвинители кои ќе ја советуваат обвинителката Вилма Рускоска.
