Армаколас: Макрон има право да се фокусира на потребата за реформи и продлабочување

По почетниот претпазлив став, Грција во изминатите денови се мобилизираше за да испрати порака дека ќе се бори за продолжување на проширувањето, но и за да ја поддржи целта на реформите на Западен Балкан, вели професорот од Универзитетот „Македонија“ во Солун и виш научен соработник и шеф на одделот за ЈИЕ во фондацијата за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“ Јанис Армаколас за МИА.

Објаснува дека Грција сама, не можеше да стори ништо за да го спречи француското вето, но коментира дека сега, грчката дипломатија одново се активира за ЕУ перспективата на Западен Балкан.

Професорот, во разговор со дописничката на МИА од Атина, говори за претстојните средби на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис и на претседателот Стево Пендаровски со Емануел Макрон, го коментира француското вето, но и грчките позиции во однос на ЕУ перспективата на Западен Балкан.

Грчкиот професор и шеф на одделот за ЈИЕ во фондацијата за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“, кој важи за одличен познавач на ситуацијата на Балканот, не е оптимист дека по средбата на Пендаровски со Макрон би се сменила позицијата на Франција и изразува загриженост дека можеби ставот на Париз и не е минлив, сепак вели дека не треба да се дозволи државите од Западен Балкан „да ги платат последиците“ за политиката на ЕУ, бидејќи реформите на унијата ќе бидат тешка битка но и битка во која не треба „жртва“ да биде регионот.

-Уште од прв момент напишав дека потегот на Макрон е апсолутно негативна разврска, историска грешка, како што беше карактеризирано од многу лидери. Претседателот Макрон тргнува од искрена намера за справување со проблемите во функционирањето на ЕУ и има право да се фокусира на потребата за реформи и продлабочување. Но, поврзувањето на овие правилни намери и цели со блокирање на проширувањето е погрешно. Поради низа причини, сметам дека овој потег може да биде почеток на особено негативни случувања во регионот.- вели Армаколас.

За средбата на Стево Пендаровски во вторник со неговиот француски колега тој смета дека Макрон тешко би го сменил ставот.

-Многу веројатно е дека бранот спротивставувања за ветото на Франција од влади, меѓународни медиуми и аналитичари да му пречеше и да го изненади непријатно францускиот претседател. Впрочем, самиот претседател Макрон има амбиција да води нов реформаторски импулс во Европа. Сигурно, општата спротивставеност на неговата позиција не се поврзува со неговата амбиција за една таква улога.  За Франција да направи промена на позицијата ќе треба да се покаже дека нејзините забелешки за процесот на проширување и за европската интеграција во целост, сериозно се земени предвид и се направени важни чекори за промените во насоката што ја посакува Париз. Може да се направат такви промени толку брзо за Северна Македонија да би можела да добие зелено светло во првата половина на 2020 година? Во оваа насока притискаат САД, но и многу европски земји на чело со Италија. Но, дискутабилно е дали постои можност да се случат промени што бараат технократски редизајн на тешки и бирократски процеси за толку кратко време. Исто така, со оглед на разликите во мислењата на земјите од ЕУ за прашањето, политичкиот консензус за пакетот промени нема воопшто да биде лесен. Генерално, постојат идеи за тоа како може да се редизајнира процесот на проширување, но ЕУ во неколку наврати има докажано дека не е во можност да донесе клучни, но тешки одлуки во краток временски рок. смета Армаколас.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e