Апелациониот суд во својата пресуда која денеска беше објавена во целост, а со која се потврдува притворот за бизнисменот Сеад Кочан, им наложува на овластените службени лица од МВР, веднаш да го лишат од слобода осомничениот, да го спроведат на издржување мерка притвор во затворот „Скопје“, а за истото веднаш да биде известен Кривичниот суд, пренесе ТВ 24.
Судот потврдува дека тој се наоѓа во бегство и дека на 9 март годинава со возило ја напуштил земјава. Тоа е денот кога на кочан кривичниот совет му одреди мерка притвор, што укажува на можноста дека тој веднаш по дознавањето на одлуката, ја напуштил Македонија. Во образложението на судот пишува дека Кочан два пати бил баран на својата домашна адреса, на 10 и на 13 март годинава, но тој не бил таму. На домашната адреса била само неговата сопруга која не знаела да посочи каде може да биде нејзиниот сопруг.