Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ го признаа легитимитетот на новото парламентарно мнозинство и фактот дека се опозиција. Според експертите, ова беше потврдено и со изјавите на еден од највисоките функционери на ВМРО, Антонио Милошоски, кој од новото собраниско мнозинство вчера побара да одбере датум за локалните избори. Според аналитичарот Петар Арсовски, во моментов на ВМРО-ДПМНЕ најмногу ù одговара да биде конструктивна опозиција.
Професорот Мерсим Максути смета дека ВМРО-ДПМНЕ е свесна дека сега веќе независно дали Иванов ќе го додели мандатот или не, мнозинството во Собрание ќе избере Влада.
„Чекаме уште неколку дена кои му преостанаа за доделување на мандатот, како негово право и техничка надлежност, за да го изврши тоа. Од друга страна, ако не го додели, тогаш Собранието како целосна суеверна и легитимна институција ќе оди директно на гласање за Влада и тоа по сè изгледа е факт што го прифаќа ВМРО кое сега чувствува дека е опозиција.“ – изјави професор Мерсим Максути,
Од СДСМ денеска го повторија ставот дека претседателот Ѓорге Иванов треба веднаш да му го додели мандатот на Зоран Заев. Од СДСМ соопштија дека имаат програма на реформска Влада, која гарантира зачувување на унитарноста на Македонија. Следуваше реакција од ВМРО-ДПМНЕ, од каде рекоа дека претседателот на Собранието, Талат Џафери почнал во пракса да ја применува двојазичноста, при што воедно нагласија дека одржување на собраниските седници на албански јазик е противуставно.
Извор: Алсат М