Политиката на САД кон Македонија не е променета. Ова за Гласот на Америка на албански јазик го изјавил официјален претставник на Стејт департментот во Вашингтон. Овој став доаѓа по изјавата на американскиот конгресмен Дана Рорабахер, кој во интервју за телевизискиот канал Визион Плус зборуваше за поделба на Македонија.
“САД гo признаваат и подржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија. Оваа позиција не е променета”, рекол претставникот на Стејт Департменот за гласот на Америка на Албански јазик.
Републиканскиот конгресмен Дана Рорабахер, претходно изјави дека Македонија била пропаднат проект. Според неговата изјава за Визион Плус, албанците кои живеат таму треба да се приклучат кон Косово, а остатокот од Македонија да стане дел од Бугарија или дел од која било друга земја.
Коментарите на конгресменот Рорабахер, кој е член на Комитетот за надворешни работи и претседавач на Поткомитетот за европски прашања на Конгресот, предизвика реакции во Скопје. Министерството за надворешни работи на Македонија соопшти дека таквите коментари ја разгоруваат националистичката реторика во соседните земји и го враќаат регионот во минатото.